Независниот академски синдикат им пружа поддрша на студентите за зачувување и унапредување на студентскиот стандард.
Поттикната од енергетската и економската криза, во минатиот период Владата претстави плановии спроведе повеќе мерки за намалување на расходите, со цел зачувување на животниот стандард на граѓаните. За жал, во својата намера да го стегне ременот, Владата посегна по ускратување на правото на студентски оброк за голем дел од студентите во државата, како и намалување на трошоците за обнова на студентските домови.
Целта на мерката за субвенциониран студентски оброк е подобрување на достапноста до оброк за сите студенти. Нејзиното евентуално укинување го нарушува студентскиот стандард и значително ќе ги зголеми трошоците за студирање, особено на студентите кои доаѓаат од семејства кои остваруваат доход блиску до минималниот. Имајќи предвид дека инфлацијата во земјата ја изеде и онака ниската куповна моќ на граѓаните, кратењето на субвенционираниот студентски оброк не е и не може да биде мерка за зачувување на студентскиот стандард.
Дополнително, Владата најави и намалување на трошоците за реновирање на студентските домови, а управите на студентските домови најавија мерки за штедење. Потенцираме дека овие мерки не смеат да го загрозат достоинството на студентите кои престојуваат во студентските домови, ниту пак да резултираат со престој во ладни простории. Апелираме надлежните при дизајнирањето на мерките за штедење да имаат разбирање за потребите на студентите и да овозможат нормални услови за престој во студентските домови, но и да ги продолжи активностите за реновирање таму каде што се нужни.
Свесни сме дека живееме во време на тешка економска и енергетска криза, која бара трпеливост, намалување и приоретизирање на трошоците, како на микро, така и на макро ниво. Сепак, денеска од било кога претходно ни се потребни добро дизајнирани мерки и политики за справување со економската криза, кои ќе го зачуваат, а не намалат стандардот на студентите.
Независниот академски синдикат (НАкС) дава целосна поддршка на барањата за заштита на студентскиот стандард. Заедно сме со нашите колеги студенти секогаш кога ќе биде загрозен студентскиот стандард и правото на квалитетно високо образование и наука, се додава во соопштението од НАкС.