Студенти од подрачјата погодени од земјотресите во Турција, кои студираат на универзитетите во Македонија, привремено ќе добијат бесплатно сместување и исхрана во државните студентски домови со цел полесно да го надминат тешкиот период во кој се наоѓаат, поради огромните човечки и материјални загуби во своите родни места – реши Министерството за образование и наука.
Ова го соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири при посетата на Меѓународниот балкански универзитет, каде во моментов студираат стотина државјани на Република Турција.
– Многу од овие студенти загубија членови на своите семејства, ги загубија домовите, а некои загубија буквално сè и потребна им е поддршка. Дојдов да поразговарам со нив, да ги слушнам нивните потреби и, секако, да ги известам што ние како министерство можеме да понудиме, за да се ублажи ситуацијата во која се наоѓаат – рече Шаќири.
Според информациите кои министерот ги добил од студентите, тие најчесто имаат потреба од дополнителни финансии, поради намалување на поддршката за нив од родните места, поради што не се во можност да ги покриваат секојдневните трошоци. Во таа насока, веднаш им е предложено бесплатно сместување и исхрана во државните студентски домови.
Шаќири потенцираше дека на студентите им е понудена и правна поддршка, согласно капацитетите на министерството, така што секој студент може да се обрати до МОН и да дојде во просториите на правната служба и да се консултира за тоа што е негов фокус.
– МОН ќе поднесе и иницијатива до Владата за обезбедување на еднократна парична поддршка за секој студент од погодените подрачја, но дополнително ќе ги известиме студентите и јавноста за одлуката, бидејќи за овие фискални импликации, се консултираат повеќе страни и институции – рече министерот Шаќири.