Студиите ги завршил со просек 9,95
Јане Коцески, најдобриот студент на Машинскиот факултет во Скопје, ги завршил студиите со просечна оценка 9,95, во рок од 3 години, 9 месеци и 7 дена, пренесе Факултети.мк.
Тој е прогласен за еден од најдобрите студенти за академската 2024/2025 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Коцески вели дека го водела желбата да покаже дека и во Македонија постојат млади инженери кои можат да работат на проекти од светски размери, да создаваат иновативни решенија и успешно да соработуваат со реномирани домашни и меѓународни компании.
Според него, успехот е резултат на желба, љубопитност, упорност, цврст карактер и верба во себе дека сѐ може да се постигне доколку човек не се откажува пред пречките.
Еден од основачите на „Формула студент“ – Македонија
Дел од успехот, како што објаснува Коцески, се должи на редовното учење и континуитетот, иако паралелно со факултетот работел хонорарно.
Тој посочува дека најмногу учел за време на предавањата, по што му биле доволни еден до два часа за да го повтори материјалот. Во втора година, заедно со колегите, го основале тимот „Формула студент“ – Македонија, каде што вложил значителен ангажман.
Најголем предизвик во текот на студиите му бил четвртиот семестар, поради обемноста на предметите и комплексноста на материјалот. Особено тежок предмет за него била Механика на флуиди, кој барал сериозно теоретско знаење и инженерска снаодливост.
По успешното совладување на предметот, Коцески бил ангажиран и како студент-тутор, помагајќи им на помладите колеги во наставата.
Кариерата ја планира во Македонија
Коцески од секогаш знаел дека сака да се занимава со инженерство, а изборот на машинството произлегол од неговата најголема пасија – автомобилите.
Покрај тоа, голема љубопитност имал и кон енергетиката, особено кон хидроцентралите, гасоводите, парните и гасните турбини. Токму затоа ја избрал насоката Хидраулично енергетско инженерство, каде што се развивал во областа на хидрауликата, пневматиката, автоматиката и енергетиката.
Во слободно време им помага на помлади колеги и средношколци во совладување на наставниот материјал, најчесто преку часови по математика и стручни предмети.
Кариерата ја планира во Македонија, а во моментот е дел од компанија со која реализира проекти во земјата и надвор од неа. Вели дека соработува со инженери и експерти од областа на хидротехниката, третманот на води и хидроенергетиката, патува во странство и учествува во теренски активности на проекти од светски размери.
Целата вест прочитајте ја на Факултети.мк.
