Истражувачи пронајдоа мерливи траги од загадување со литиум оставени во горните слоеви на атмосферата по согорување на ракета во вселената, откривајќи ги еколошките последици од зголеменото количество вселенски отпад – како и способноста за нивно следење.

Во студија објавена денеска, меѓународна истражувачка група наведува дека се пронајдени 10 пати повеќе атоми на литиум од вообичаеното на надморска височина од околу 96 километри, нецели 20 часа откако ракетен степен на „Falcon 9“ од вселенската компанија „SpaceX“ на Илон Маск повторно влегол во атмосферата.

Научниците, предводени од Робин Винг од Лајбниц-институтот за атмосферска физика во северногерманскиот град Килунгсборн, исклучија природна причина за зголемувањето на литиумот, пренесе ДПА.

Ракетата „Falcon 9“ повторно влезе во атмосферата на Земјата на 19 февруари 2025 година.

„Настанот привлече меѓународно внимание откако остатоци од фрагменти, вклучително и резервоар за гориво, беа пронајдени во близина на полскиот град Познањ“, пишуваат научниците во списанието Nature.

Тие посочуваат дека литиумот доаѓа првенствено од литиум-јонските батерии и литиум-алуминиумските легури што се користат за облогата на трупот на ракетата.

„И покрај важната улога што ја има горната атмосфера на Земјата во заштитата на животот на копното, последиците од зголеменото загадување од вселенскиот отпад врз преносот на зрачењето, хемијата на озонот и микрофизиката на аеросолите остануваат во голема мера непознати“, додаваат тие.

Авторите на студијата забележуваат дека истражувањата досега биле фокусирани на ризиците по луѓето и инфраструктурата од паѓање на делови од отпадот, додека влијанијата врз животната средина се многу помалку познати.

Бројот на комерцијални сателити и ракети што се лансираат во орбитата постојано расте во она што авторите го опишуваат како „нова вселенска ера“. Само проектот за сателитски интернет „Starlink“ на „SpaceX“ моментално се потпира на речиси 10.000 сателити во вселената, а долгорочно се планирани повеќе од 40.000.

Научниците ги испратиле својата статија и придружните податоци до „SpaceX“ и и дале можност на компанијата да ги разгледа, но не добиле никаков одговор.