Се отвори пријавувањето за субвенциониран студентски оброк од 140 денари дневно

Од денес, па заклучно со 5 септември, сите студенти – и оние што веќе имаат, како и оние што ќе стекнат студентски статус во академската 2025/2026 година – можат да поднесат апликации за користење на државната мерка „субвенциониран студентски оброк“ od 140 денари. Секој одобрен корисник ќе добива по 140 денари дневно, со кои, освен во недела и за време на државни празници, ќе може да купува готова храна.

Пријавувањето се врши исклучиво преку електронски пат на веб-порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/. Еден од условите е апликантите да се државјани на Република Македонија и да немаат месечен приход повисок од минималната нето-плата во тековната година.

Според информациите од Министерството за образование и наука (МОН), право на пријава имаат сите редовни студенти запишани на прв циклус, втор циклус или на интегрирани студии – без разлика дали студираат на јавен или приватен универзитет во државата.

„При пополнување на електронската апликација, студентите задолжително прикачуваат пополнети и потпишани обрасци: Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци. Останатите потребни податоци и потврди за исполнување на условите ќе ги обезбеди МОН по службена должност од МВР, УЈП и студентските служби на факултетите“, стои во соопштението.

Министерството дополнително информира дека студентите кои ќе имаат потреба од техничка или административна помош при аплицирањето, можат да се обратат до Секторот за ученички и студентски стандард преку електронската адреса: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk.

Тие што ќе бидат одобрени како корисници на мерката, ќе добијат бесплатна наменска платежна картичка издадена од „Шпаркасе банка“. Пред издавањето на картичката, студентите ќе треба да потпишат договор со банката за отворање на специјална сметка.

„Секојдневниот износ од 140 денари е предвиден за купување храна од понеделник до сабота, кај правни субјекти што произведуваат, приготвуваат или продаваат храна. Средствата не се исплаќаат во периодот на летниот распуст, од 1 јули до 1 октомври“, наведуваат од МОН.

Исто така, се потенцира дека студентите чија пријава ќе биде одбиена, ќе можат повторно да аплицираат во периодот од први до петти секој месец во текот на академската 2025/2026 година.