МОН објави повик за аплицирање за субвенциониран студентски оброк за сите редовни студенти во академската 2025/2026 година

Министерството за образование и наука соопшти дека од утре почнува аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година. Повикот со детални услови и насоки за аплицирање е објавен на официјалната веб-страница на МОН.

Рокот за пријавување за тековните студенти, како и за оние кои ќе се стекнат со статус на студент во академската 2025/2026 година, е до 5 септември 2025 година.

Аплицирањето се врши електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/. На јавниот повик можат да се пријават сите редовни студенти. Запишани на прв или втор циклус студии, како и на интегрирани студии на јавни и приватни универзитети во државата. Кандидатите мора да бидат државјани на Република Северна Македонија. Да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

При аплицирањето, студентите задолжително прикачуваат пополнети и потпишани обрасци – „Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк“ и „Изјава за точност на внесените податоци“. Министерството по службена должност ги обезбедува останатите потребни докази што ги поседуваат МВР, УЈП и студентските служби на факултетите.

Секој апликант кој има потреба од непосредна помош при аплицирањето може да се обрати до Секторот за ученички и студентски стандард на електронската адреса: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk.

Финансиската поддршка изнесува 140 денари дневно и е наменета за купување храна. Средствата можат да се користат од понеделник до сабота кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. Исплата не се врши во периодот на летниот распуст – од 1 јули до 1 октомври.

За исплатата на субвенциониран студентски оброк, МОН склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје. Студентите кои ќе го остварат правото ќе бидат известени по електронски пат од МОН. И ќе треба да потпишат договор со банката за отворање посебна сметка со наменска платежна картичка.

Можноста за аплицирање ќе биде отворена од 1 до 5 секој месец во академската 2025/2026 година. За студентите кои не го оствариле правото преку јавниот повик или на кои правото им престанало поради неисполнување на критериумите. А подоцна повторно ги исполнуваат.