Еден загинат и 11 повредени во судар меѓу воз и туристички автобус во близина на Санкт Петербург

Едно лице го загуби животот, а најмалку 11 други се здобија со повреди во судар меѓу воз и туристички автобус што се случи утрово во северозападниот дел на Русија. Според официјалното соопштение на локалните власти, товарен воз се судрил со туристички автобус во регионот Ленинград, недалеку од Санкт Петербург.

Несреќата се случила кратко по 5:00 часот наутро по централноевропско време, на делницата помеѓу станиците Лодејное Поле и Олонец. Како што соопшти локалната филијала на Руските железници, автобусот излетал директно на шините, токму во моментот кога возот се приближувал со полна брзина.

Возачот се обидел да сопре, но сударот бил неизбежен

Возачот на возот се обидел итно да закочи, но автобусот бил премногу блиску до композицијата. Поради минималното растојание и високата брзина на движење, сударот не можел да се избегне.

Во соопштението од железничките власти се наведува дека, според првичните информации, во автобусот се наоѓале 12 патници. Еден од нив им подлегнал на повредите, додека останатите 11 се пренесени во болница со различен степен на повреди.

Надлежните органи спроведуваат истрага за целосно расветлување на причините за несреќата.