Судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој е обвинет за несовесно лекување на пациенти, денеска беше одложено. Одбраната побара државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да ја преземе постапката или да ја делегира на друго обвинителство.

„Со оглед на предлогот упатен до државниот јавен обвинител со кој се бара преземање на кривично гонење, судот констатира дека не се исполнети законските услови за водење на постапката, поради што главната расправа се одложува за 8 октомври“, изјави судијката Снежана Марковска.

Пред почетокот на рочиштето, адвокатот Спиро Ристовски, бранител на Васев, достави до судот барање за делегирање на надлежноста од ОЈО Скопје на државниот обвинител. Јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска, пак, истакна дека не може да се произнесе по барањето и дека мора да го проследи до надлежниот орган.

Бранителите на првообвинетиот, адвокатите Мартин Митровски и Никола Ставрев, го повлекоа полномошното, а нови бранители се адвокатите Дељо Кадиев и Спиро Ристовски. Денешното рочиште требаше да продолжи со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.

Васев, заедно со онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, е обвинет за несовесно лекување на 29 пациенти. Обвинението ги товари со „тешки дела против здравјето на луѓето“, вклучувајќи примена на неподобни терапии и отстапувања во дозирањето без соодветна проценка на здравствената состојба.

Постапката против Мери Пешевска, исто така онколог, веќе заврши со условна казна затвор од две години, по признавање вина.

Покрај несовесното лекување, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета за државниот буџет од над 2,2 милијарди денари.