Судењето за случајот „Ласкарци“ продолжува на 25 април откако во Основниот кривичен суд денеска беа испрашувани вештаците кои го изготвија машинското супервештачење за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени.

 

На денешното рочиште, бранителот на шестообвинетиот го испрашуваше вештото лице Зекирија Зекири со прашања за системот на еластично потпирање на автобусот, ретардер, како и правичноста на техничките прегледи на автобусот.

 

 

На поголемиот дел од прашањата имаше приговори од бранителите на останатите обвинети, а на голем дел, исто така, вештото лице одговори дека веќе е одговорено.

 

Прашан дали се согласува дека доколку се погледнат фотографиите од местото на незгодата изготвени од МВР и Машинскиот факултет, дека рачката за вклучување на ретардерот е во нулта позиција и истиот не бил активиран, дали тоа можело да се види од фотографиите, тој одговори дека сѐ што сметале дека е важно е наведено во вештачењето.

 

– Тоа што сметавме дека се важни фотографии и наводи, сите се посочени на страна 60 и 61 од вештачењето, рече тој.

 

Кон испрашување на вештото лице Зекирија Зекири потоа пристапи и полномошникот на оштетените.

 

Прашан дали ваков автобус со ваква техничка неисправност може да се пушти во сообраќај на редовна линија Гостивар-Скопје-Гостивар, вештото лице одговори дека не се компетентни да одговорат.

 

– Ние само дадовме мислење, заклучок дека автобусот бил технички неисправен, но, по однос дали треба или не да се пушти во сообраќај, не сме компетентни да кажеме да или не, рече тој.

 

Обвинителот, потоа праша дека, со оглед дека заклучиле дека автобусот не би технички исправен,како што рече, „дали во правилникот кој што вие го цитирате е предвидено што понатаму со тој автобус”, вештото лице одговори дека не можат со сигурност да посочат.

 

– Ние само констатиравме дека техничкиот преглед не е извршен согласно одредбите, но, од доказите не можевме со сигурност да посочиме дека возилото, после тој технички преглед било технички неисправно, одговори вештакот Дамјан Мирчевски.

 

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење. Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвиле супервештачењето и тоа сѐ уште трае.

 

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

 

Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.