Судењето за случајот „Штекли“, во кој повеќе лица се обвинети за организирана продажба на дрога, денес не започна како што беше предвидено, откако првообвинетиот Раде Трајковски Штикли доживеа епилептичен напад во судницата.

По интервенција на лекарите од Брза помош, тој одбил да прима терапија, а судот одлучи рочиштето да се следи од друга просторија.

„Го прегледавме. Самиот беше контактибилен, самиот кажа дека не знае каде се наоѓа. Не сака да прими терапија, бидејќи пиел друга терапија во затвор. Не сакаше да потпише изјава дека одбил терапија“, изјави лекарката која го прегледала.

Адвокатот на Трајковски, Сашко Дуковски, посочи дека нападот не може да се смета за нарушување на редот во судницата.

„Од почнувањето на оваа расправа до сега, Раде Трајковски ниту го навреди, ниту наруши редот. Непосредно пред почетокот на главната расправа доби епилептичен напад“, рече Дуковски.

Судијата Илија Трпков нагласи дека судот ќе се грижи за здравствената состојба на обвинетите, но и дека постапката ќе се води ефикасно.

„Со оглед на тоа што се работи за голем број прашања и веќе е доцна попладне, главната расправа се одложува за 9 октомври. Но, сите обиди за одолговлекување ќе бидат санкционирани“, рече Трпков.

Обвинението ги опфаќа 10 лица, по речиси едногодишна истрага, а претходно 16 лица биле опфатени, од кои седум веќе признаа вина и добија затворски казни од 3 до 3,5 години.

Групата, според Обвинителството, била добро организирана – од набавка до продажба на кокаин и марихуана, со складирање во изнајмени станови и продажба по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку Snapchat, а клучните докази беа обезбедени преку системот „Cellebrite“, донација од САД.