Нема правни промени, ниту нови докази

Судијката Дијана Груевска Илиевска денеска соопшти дека не го прифаќа барањето на одбраната за одложување на рочиштето поврзано со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Таа нагласи дека не постојат промени во правната квалификација за ниту еден од обвинетите, ниту пак се предложени дополнителни докази, пренесува Фокус.

Судeњето продолжува со воведниот говор

Рочиштето ќе продолжи согласно утврдениот распоред, со излагање на воведниот говор на Обвинителството. Адвокатите на обвинетите претходно побараа одложување поради спојувањето на две обвиненија во едно, со што кон главниот предмет се придружи и обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.

Одбраната бараше дополнително време за увид

Одбраната посочи дека им е потребен дополнителен увид во новоформираното обвинение, а адвокатот на Нацев истакна дека треба да се запознае со главниот предмет. Како второ образложение за одложување, адвокатите го наведоа ревидирањето на доказната листа од страна на Обвинителството, при што биле повлечени дел од вербалните искази кои се однесувале на иста околност за да не се одолжува постапката.

Катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март годинава, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. За настанот се обвинети вкупно 38 лица – 35 физички лица и три компании.