На прашањето што е неуставно со „Балансерот“, судијата Павловска-Данева одговори:

Согласно „Балансерот“, на секој оглас што го распишува некоја институција, мора во заграда да биде ставена националната припадност на кандидатите, што значи дека кога во заградата се прецизира дека се бара Македонец, на пример, а на огласт се бара всушност правник, на вас ви е забрането ако не сте Македонец да поднесете документи. Имаме начело на слобода на изразување на национална припадност и тоа значи дека не морам да се изразам и не морам да кажам која припадност сум. Ако сакам да бидам државен службеник, мене ми се дерогира ова право и морам да кажам што сум и да се вработам и тоа апсолутно е неуставно. Уставниот суд беше конзистентен во оваа одлука, бидејќи претходно одлучивме да се укине графата национална припадност во Законот за матичната евиденција.

На прашањето како може да се регулира за да опстои уставното начело за соодветна и правична застапеност, кои се насоките?

Уставниот суд не е креатор на политки и не смее да биде, ние не даваме насоки на Владата како треба да го регулира односот кој бил регулиран со неуставен закон, а ние сме го укинале – тоа не е наша работа. Експертите кажуваат и даваат идеи и на крајот останува Владата да донесе одлука, дали Методологијата (тоа е всушност „Балансерот“) којашто ја носи Министерството за јавна администрација со Министерството за политички систем, дали ќе донесат ноа Методологијата во која нема да предвидат дека кандидатот ќе мора да се произнесе за својата национална припадност, дали ќе донесат закон- тоа е нивен избор, тоа нас не нè тангира.За да ви докажам дека не е „Балансерот“ тој којшто го вовел начелото на правична застапеност ниту е тој што го укинал, ќе ви го кажам следното: Начелото за правична застапеност е дел од нашиот Устав од 2005 година кога имало амандмански измени. Методологијата, односно т.н. „Балансер“, е воведена 2015/2016, и во меѓувреме цели десет години се применувало начелото за правична и соодветна застапеност без да постои „Балансер“. И уште поважно е да се знае дека најголем процент по правична застапеност се случувал токму во периодот 2005-2015 година, а од тогаш до денес, помал е процентот на вработувања во јавниот сектор по правична застапеност отколку пред „Балансерот“. Е сега дајте ми логично објаснување за сите што велат дека со укинување на „Балансерот“ се укинува начелото на правична застапеност.

Судијата Павловска-Данева изнесе и јавно познати информации за политичките чинители кои го критикуваа Уставниот суд, иако претходно веќе изразиле став дека т.н. „Балансер“ е исцрпен во употребата.

“Во изминатиот период имаше реакции, кои беа исклучиво на политичарите и не слушнавме за волја на вистината дека одлуката е неправна, неуставна или политичка од ниту еден правен експерт во правната фела. Реагираат од опозицискиот блок, видовме изјава од претставничка на ДУИ. Претходната влада составена од СДСМ и ДУИ во 2023 година, значи не така одамна донесе Стратегија за реформа на јавната администрација. Таа има важност од 2023-2030 и таа ја обврзува и оваа Влада. Таму на страна 47, шо е владин акт, изгласан од страна на тогашната Влада е предвидено дека Балансерот ќе се напушти, токму со тие зборови, дури во заграда пишува „Балансерот“ бидејќи ја изгубил својата употребна вредност, се злоупотребува и не ги дава очекуваните резултати и дека на друг начин ќе се овозможи начелото на правичната застапеност.