Неколку оклопни транспортери и десетици војници утрово маршираа до главниот плоштад во Алмати, најголемиот град во Казахстан, каде стотици луѓе протестираат против владата веќе три дена.
Како што пренесуваат странските агенции, истрели се слушале додека војниците се приближувале до толпата.
И руската агенција ТАСС јави за интензивно пукање меѓу војската и вооружени лица на плоштадот пред седиштето на градоначалникот во Алмати.
„Војската пристигна на плоштадот и почна да ги чисти немирите. Во тек е интензивно пукање“, наведува ТАСС.
Исто така, беше објавено дека Секретаријатот на Организацијата на До говорот за колективна безбедност (ОДКБ) добил барање од Казахстан за помош, а прес-секретарот на таа организација рече дека оваа ситуација се гледа како на упад на вооружени банди подготвени во странство.
Според ОДКБ, Казахстан одржал консултации со членовите на Советот за безбедност на ОДКБ, при што е договорено членките на ОДКБ да испратат воена помош во Казахстан, поради што ќе бидат испратени мировници за стабилизирање и нормализирање на ситуацијата.
Протестите поради високите цени на горивото избија на 2 јануари во регионот Мангистау во југозападен Казахстан, а два дена подоцна протести го зафатија Алмати, југоисточниот дел на земјата и други градови.