ОЈО ГОКК ја заврши истрагата за случајот со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов и поднесе обвинителен акт

 

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја заврши истрагата за случајот со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов и до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт и обвинителен предлог, соопштија од Обвинителството.

Со обвинителниот акт се опфатени седум лица, на кои им се ставаат на товар кривичните дела „Злосторничко здружување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“, како и продолжено кривично дело „Даночна измама“. Двајца од обвинетите, покрај овие дела, се товарат и за продолжено кривично дело „Даночно затајување“.

Дополнително, обвинителен предлог е поднесен против три физички лица за продолжено кривично дело „Несовесно работење во службата“, како и против 13 правни лица за продолжено кривично дело „Даночна измама“.

Истрагата против Крмзов беше отворена откако било утврдено дека преку мрежа на наменски формирани фантомски фирми, најчесто со формални сопственици од Косово, бил извлечен незаконски поврат на данок на додадена вредност (ДДВ) од Управата за јавни приходи, во вкупен износ од околу 22 милиони евра.

Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов преку мрежа на наменски формирани фантомски фирми од Косово од УЈП извлекле поврат на ДДВ од околу 22 милиони евра

 

Според обвинението, на почетокот на 2019 година првообвинетиот, заедно со уште двајца обвинети – сопственици и управители на правни лица – создал организирана група со цел стекнување противправна имотна корист преку кривичните дела „Даночно затајување“, „Даночна измама“ и „Перење пари“. На групата подоцна ѝ се приклучиле уште четворица обвинети, исто така во својство на сопственици и управители на правни лица.

Злосторничкото здружение, како што наведува Обвинителството, најпрво формирало правни лица со формално назначени сопственици и управители, со цел да се оствари право на поврат на ДДВ, кое на организаторите им било оневозможено доколку тие биле официјално евидентирани како сопственици.

Обвинетите изготвувале и разменувале фактури со невистинита содржина за наводен промет на недвижности, за кој знаеле дека реално не бил извршен и дека не постоеле плаќања преку банкарските сметки. На овој начин, спротивно на повеќе даночни и финансиски закони, неосновано го користеле правото на влезен ДДВ во периодот од 2019 до 2024 година.

Во даночните пријави бил прикажан вкупен влезен ДДВ во износ од над 4,1 милијарда денари, по основ на фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот. Од Управата за јавни приходи, по овој основ, бил исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1,34 милијарди денари.

Дел од обвинетите, во својство на овластени сметководители, како службени лица, пропуштиле должен надзор и несовесно постапувале, евидентирајќи фиктивни фактури и прикажувајќи ги во даночните пријави, со што овозможиле незаконски поврат на данок и намалување на даночните обврски.

 

Средствата стекнати со кривично дело биле вклучени во платниот промет и префрлани меѓу правни лица со цел прикривање на нивното потекло

 

Средствата стекнати со кривично дело биле вклучени во платниот промет и префрлани меѓу правни лица со цел прикривање на нивното потекло. Дел од парите биле користени за купување недвижен имот, враќање банкарски кредити, подигање готовина, плаќање градежни материјали, како и за покривање даночни долгови во износ од над 457 милиони денари.

Заедно со обвинението, Обвинителството достави и предлог за одземање и конфискација на подвижен и недвижен имот стекнат со кривично дело, кој претходно бил замрзнат со привремени мерки. Воедно, предложено е продолжување на мерката притвор за првообвинетиот, како и укинување на притворот и определување мерки на претпазливост за второобвинетиот.

Кривичната пријава против три лица осомничени за злосторничко здружување, даночна измама и перење пари, како и против двајца осомничени за несовесно работење во службата, е отфрлена поради недостиг на основано сомнение. Списите кои се однесуваат на постапувањето на даночните инспектори се доставени на натамошно постапување до Основното јавно обвинителство Струмица.