Пресуда за организираниот криминал: Вкупно 50 години затвор
Во скопскиот Кривичен суд беше изречена пресуда за шестмина припадници на криминалната група предводена од Шеваљ Муареми, кој е во бегство и за кого е распишана меѓународна потерница. Групата, позната како Дуќанџик – Грчец, беше обвинета за продажба на кокаин и за убиства по нарачка. Двајца од осудените добија 14, односно 15 години затвор за двојно убиство и злосторничко здружување. Останатите четворица добија казни од по пет и шест години затвор за трговија со дрога.
Судијката Фанка Јанчулова-Михаиловска истакна дека постоењето на криминалната група е докажано преку организирана и повторувана набавка на дрога од Албанија и Белгија. Доказите биле обезбедени преку апликацијата „Скај“, со меѓународна правна помош од Франција.
Двојни убиства и меѓународна трговија со дрога
Муареми и уште неколку лица кои сè уште се недостапни за органите на прогонот, од јуни 2019 до март 2021 година, раководеле со криминална мрежа која договарала набавка на 14 килограми кокаин од Албанија по цена од 33.000 евра за килограм. Преку Косово, дрогата била транспортирана во Македонија.
Во обвинението е опишано и учеството во двојното убиство на Африм Бериша и Бурим Вардари во Топанско Поле, како дел од одмазда за претходен напад во хотелот „Александар Палас“. Според судот, најмалку тројца членови на групата директно учествувале во ликвидацијата.
Спротивставени банди и ново судење
Оваа криминална мрежа брои околу 15 лица – дел се убиени, дел се во бегство. Пресудата беше изречена под силно полициско обезбедување. Слични мерки се најавени и за претстојното судење против Раде Трајковски – Штекли и огранокот Беланоца, ривалска група на Дуќанџик – Грчец.
Обвинителството гони две криминални структури – првата за четири убиства, меѓу кои и ликвидацијата на Орхан Бајрамовски – Оки и двојното убиство во „Шиша бар“. Втората е за три убиства и изнуди, палења и продажба на дрога. Дрогата, според ОЈО, била откриена закопана на државно земјиште, а обвинението се темели на едногодишна истрага на Обвинителството и МВР.
Извор: Вечер Прес