Судскиот совет на транспарентен и отчетен начин, на јавната седница одржана на 24-ти октомври изврши номинација на членови на управниот одбор во Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите кои се членови на Судскиот совет.
На седницата беа истакнати аргументи и дадено образложение кои се во насока на законитоста и оправданоста на таквата одлука, односно номинација, информираат од Судскиот совет, по реакциите во јавноста во врска со номинацијата на членови на управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители.
Неспорно е дека управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители одлучува по приговори на кандидатите кои по завршување на академијата ги избира Советот, но неспорно е и дека во постапката за избор учествува и Врховниот суд, кој одлучува по жалби на неизбраните кандидати кои завршиле академија. Од Судскиот совет подвлекуваат-дали тоа значи дека во случајов е незаконита и номинацијата на судија од Врховниот суд за член на управниот одбор поради судир на интереси. За надминување на изнесените дилеми во јавноста, околу начинот и постапката за номинација, Судскиот совет веќе почнал постапка за изготвување подзаконски акт, со кој ќе се регулираат условите и постапката за сите номинации во надлежност на Советот.