Судскиот совет на денешната 377-та седница разреши еден судија и избра претседатели на основните судови во Гостивар, Дебар, Гевгелија и Свети Николе. Според информациите на Алсат М, станува збор за судијата Горан Бошевски од предметот „Траекторија“.
Од Судскиот совет за МИА не можеа да ја потврдат оваа информација, посочувајќи дека името на судијата ќе биде објавено кога одлуката ќе биде потврдена од Врховниот суд.
– Елјеса Алији судија од Основен суд Гостивар е избран за претседател на Основен суд Гостивар, Мерсим Марку судија од Основен суд Дебар е избран за претседател на Основен суд Дебар, Марица Аврамчева Зафирова судија од Основен суд Гевгелија е избрана за претседател на Основен суд Гевгелија и Лилјана Додевска судија од Основен суд Свети Николе е избрана за претседател на Основен суд Свети Николе, соопшти Републичкиот судски совет.
Кандидатот за претседател на Основниот суд Виница не го доби потребното мнозинство согласно законот и Советот донесе Одлука за објавување нов оглас за избор на претседател на овој Суд.
Воедно, денеска Судскиот совет разреши и еден судија поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и времено е оддалечен од вршење на судиската функција.