Судскиот совет ја поддржа кандидатурата
Судскиот совет ја предложи Мери Дика Георгиевска, судија на Апелациониот суд, за член на Уставниот суд. На денешната седница 10 членови гласаа „за“, еден член беше против, а судијката Антоанета Димовска се иззема од точката на дневниот ред.
Членовите на Судскиот совет кои ја поддржаа кандидатурата истакнаа дека Дика Георгиевска ги исполнува сите услови за уставен судија. Според нив, таа е професионалец со познавање на судовите од прв степен до највисоките судови, со личен и професионален интегритет, долгогодишно искуство и придонес за развојот на стручната и теоретската мисла и на правниот систем.
Противниците на предлогот
Единствена која гласаше против кандидатурата беше Сузана Јошевска Анастасовска. Таа призна дека Мери Дика поседува значајно долгогодишно искуство во редовното судство, вклучително и на раководни позиции, како претседател на суд и учество во Судскиот совет.
Сепак, Јошевска Анастасовска посочи дека доставените материјали не обезбедуваат доволно јасна, недвосмислена и конкретна потврда за придонесот на Дика Георгиевска за развојот на стручната и теоретската мисла и за напредокот на правниот систем.
