Довербата во судството е на најниско можно ниво, со само 2% доверба од граѓаните, обвини пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на панел-дискусијата „Реформи во судството, чекор кон ЕУ“. Тој посочи дека Судскиот совет, наместо да биде гарант за независноста на судиите, ја продлабочува корупцијата и политичките влијанија во правосудниот систем.
Лефков изнесе тврдења дека штаб на СДСМ бил сместен во куќата на судијката Алексовска Стојановска, што, според него, отвора сериозни сомнежи за конфликт на интереси и политички влијанија во судството.
Судиите кои се осмелуваат да влезат во политички игри, како што беше случајот со судијката што ја посочивме, се токму оние кои ги компромитираат човековите права во државата и го попречуваат реформскиот пат на Македонија. Токму поради тоа ги обелоденуваме ваквите случаи. И покрај бројните повици од оваа говорница, да излезат, да соберат храброст и да одговорат дали политичката партија ja финансира судијата преку плаќање закуп, или пак судијката, преку своето семејство, се појавува како донатор на таа партија – останавме без одговор. Наместо да биде гарант на интегритетот на судиите, Судскиот совет се претвори во група луѓе кои, со текот на годините, сведочеа драматичен пад на довербата во судството, кој денес изнесува само 2%“ – изјави Лефков.
Пратеникот додаде дека ВМРО-ДПМНЕ повеќепати барало одговор дали СДСМ ја финансира судијката преку закуп на имот или таа и нејзиното семејство се јавуваат како донатори на партијата, но одговор не добиле.
“Не е притисок ако бараме спроведување на законите и реформи. Европската комисија веќе нотираше дека Судскиот совет не функционира, а судската мафија продолжува да дејствува,” нагласи Лефков.
Според него, судството останува еден од најголемите проблеми за европската иднина на Македонија, бидејќи правната несигурност и корупцијата се клучни пречки за приближување кон ЕУ.
Во извештајот на Европската мисија се наведени 50 препораки за реформи во судството, од кои 17 можеле веднаш да се имплементираат без законски измени, но властите не направиле ништо по ова прашање.
Лефков ја повика владата и Министерството за правда да преземат конкретни чекори за подобрување на судската транспарентност, борбата против корупцијата и политичкото влијание врз судиите.