Судскиот совет не ги исполнува препораките на Оценската комисија
Во гостување на „Објектив“ на МРТ, Марија Митева изјави дека Судскиот совет не ги исполнува препораките на Оценската мисија. Таа ја обвини опозицијата за недоследност во ставовите.
„Се споменаа многу теми и беа констатирани одредени состојби, но во ниту еден момент не слушнавме која е суштината на целата оваа ситуација. На почетокот тврдите дека поделбата на власта е јасно дефинирана на Законодавна, Извршна и Судска власт, и во тоа сите би се согласиле – тука нема простор за дилеми. Сепак, на крајот од вашето излагање поставувате прашање зошто се разрешуваат само пет членови од Судскиот совет, иако добро знаете дека токму Собранието е институцијата што ги избира овие петмина членови, за кои сега се бара разрешување,“ посочи портпаролката на Владата и член на Извршниот комитет, Марија Митева,
Таа истакна дека опозицијата бара Владата да разреши повеќе членови, но истовремено ја обвинува за мешање во судската власт.
Според Митева, Оценската мисија има вкупно 40 препораки, од кои 17 се директна обврска на Судскиот совет. Таа нагласи дека Советот не исполнил ниту една од нив.
„Јас бев пратеник кога се разгледуваше извештајот на Судскиот совет. Таму немаше ниту една препорака што беше спроведена. Зар тоа не е доволен доказ дека не функционира?“, праша Митева.
Таа нагласи дека Владата дала шанса на Судскиот совет да ја подобри својата работа. Но, резултати сè уште нема.
Судските реформи – приоритет за Владата
Но, како што истакна, Советот не ги почитува препораките и продолжува да работи спротивно на очекувањата.
„Граѓаните имаат ниска доверба во судската власт. Тоа е директна последица на долгогодишното игнорирање на проблемите во правосудството,“ додаде таа.
Опозицијата ја префрла одговорноста врз Владата?
Митева оцени дека опозицијата не направила реформи додека беше на власт. Наместо тоа, сега бара Владата да преземе драстични чекори.
„Не може Владата да го разреши целиот Судски совет, а потоа да биде обвинета за мешање во судската власт,“ потенцираше таа.
Според неа, реформи се потребни, но мора да се спроведат системски, а не со политички одлуки.
Судскиот совет мора да преземе одговорност
Митева заврши со јасна порака: Судскиот совет мора да ги спроведе препораките на Оценската мисија. Таа нагласи дека Владата е посветена на реформите, но Советот треба да покаже дека е способен за промени.
„Граѓаните очекуваат одговорност. Судството не смее да остане нефункционално,“ заклучи таа.