„Нема шанса“, одговори Здравко Ристов, татко на судијата Ѓоко Ристов, откако обвинителката го соочи со резултатите од вештачењето, според кои на пронајдените пари не биле пронајдени биолошки траги од него или од неговата сопруга.
На денешното судење Ристов остана на тврдењето дека 350.000 евра пронајдени во семејната куќа во Неготино претставуваат негова и заштеда на неговата сопруга, создадена во текот на повеќедецениска земјоделска работа.
„Сум се мачел 89 години со овие десет прсти. На кого да ги пријавам тие пари?“, рече Ристов, објаснувајќи дека немал доверба во банките и затоа дел од заштедата ја чувале во домот.
Тој пред судот кажа дека неговите деца не знаеле за скриените пари и дека веднаш по нивното пронаоѓање им кажал на истражителите дека средствата се негова и на неговата сопруга.
„Кога ги најдоа парите, ме прашаа чии се. Јас им одговорив дека се лично наши, на сопругата и мои“, сведочеше Ристов.
Тој објасни дека заштедата ја претворал во девизи во менувачници, според можностите и заработката од земјоделската работа.
„Секаде сум одел, каде што ќе најдам менувачница. Како сум ги печалел, така сум ги менувал“, изјави Ристов.
Тој остана на ставот дека парите се семејна заштеда. Прашањата за нивното потекло, како и резултатите од вештачењето, се дел од доказниот материјал што треба да го оцени Судот.
