Британскиот премиер Риши Сунак синоќа му вети на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека, за време на неговиот мандат, Украина ќе има цврста и силна британската поддршка, како што тоа впрочем беше и досега, изјави портпаролот на Даунинг стрит 10.

Сунак, кој вчера претпладне ја презеде функцијата премиер, изјави дека украинскиот претседател Зеленски може да смета на континуираната солидарност на британската Влада.

-Двајцата лидери се согласија дека е неопходно да се продолжи со притисокот врз варварскиот режим на Путин преку континуирани економски санкции, рече портпаролот на Даунинг стрит 10.

Зеленски во вечерашното видео обраќање кажа дека верува британското лидерство во одбраната на демократијата и слободата уште повеќе ќе се засили.

-Украина и Британија неодамна достигнаа нови височини во односите, но и покрај тоа, ние сè уште имаме потенцијал да ја зајакнеме нашата соработка, рече Зеленски и го покани Сунак да ја посети Украина.