Бранови високи колку улично осветлување, силни ветрови од над 240 км/ч, поплави и урнати инфраструктури во погодените региони

Еден од најмоќните супертajфуни во последниве години, „Рагаса“, предизвика хаос во Хонг Конг и на јужниот кинески брег, носејќи бранови високи колку уличното осветлување. Тајфунот, кој претходно остави смртоносни последици на Тајван и Филипини, одзеде најмалку 27 животи и предизвика парализа на секојдневниот живот во погодените региони.

Во јужната кинеска провинција Гуангдонг беа евакуирани речиси 1,9 милиони луѓе. Метеоролошката станица во Чуандао забележа налети на ветер со брзина од 241 километар на час – најсилните откако постојат мерења. Силниот ветер корнеше дрвја и уриваше објекти, додека поројните дождови ја намалија видливоста на минимум. Поради очекуваното движење на тајфунот кон запад, неколку железнички линии во регионот Гуангси беа прекинати. Во десетина градови беа затворени училишта, фабрики и дел од патиштата, а властите издвојуваат милиони долари за итна помош.

Хонг Конг утрото го пречекаа разорни налети на ветер, а граѓаните преку социјалните мрежи споделуваа снимки од урнати покриви, паднати кранови и стотици соборени дрвја. Поплавени беа шеталиштата, спортските терени и делови од градските улици. Во болниците се згрижија 90 повредени лица.

Во соседниот Макао, познат по казината, улиците се претворија во реки полни. Училиштата и продавниците беа затворени, летовите откажани, а стотици жители побараа засолниште во привремени центри. Спасувачките тимови со гумени чамци извлекуваа заглавени луѓе, а во дел од поплавените области беше исклучена струјата.

Според Хонгконшкиот опсерваториум, тајфунот достигнал постојани ветрови од 195 километри на час и градот го заобиколил на околу 100 километри. Со ваква јачина, „Рагаса“ се вбројува меѓу најмоќните циклони на северозападниот Пацифик и во Јужното кинеско Море во последните седум децении.

Пред да ја погоди Кина, „Рагаса“ предизвика човечки жртви и огромна штета на Тајван и Филипините. На Тајван загинаа 17 лица поради надојдени води од акумулациско езеро во округот Хуалиен, кои уништија мостови и патишта. На северот на Филипините беа потврдени најмалку 10 жртви, меѓу кои седум рибари, а петмина сè уште се водат како исчезнати. Бурата погодила речиси 700.000 луѓе, од кои 25.000 биле евакуирани во државни засолништа.