МОДЕРНИЗАЦИЈА НА ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР

Со денешното воспоставување на пазарот на струја во тековниот ден (Intraday Market), Македонија направи суштински чекор кон модернизација на енергетскиот сектор и негова реална интеграција во европскиот пазар, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Таа истакна дека станува збор за конкретен проект со кој се гради стабилност, транспарентност и конкурентност на пазарот на електрична енергија.

Целосната имплементација на пазарот е планирана до крајот на вториот квартал од 2026 година, кога се очекува и целосен почеток на тргувањето на Intraday Market.

Воведувањето на пазарот започна со потпишување договор меѓу Националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО) и словенечката енергетска берза БСП. Договорот го потпишаа управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и директорот на БСП, Анже Предовник.

Договорот се оценува како значаен чекор во развојот на македонската берза за електрична енергија и во зајакнувањето на нејзината техничка и институционална подготвеност за интеграција со пазарите на Европската Унија.

Со договорот се обезбедуваат трговски и клиринг платформи за пазарите на електрична енергија – ден-однапред и пазарот во тековниот ден. Пазарот ден-однапред во земјава функционира од мај 2023 година, а воспоставувањето на Intraday Market претставува продолжување на процесот на заокружување на пазарниот модел и европската интеграција.

Ѓорѓиевски оцени дека договорот е значаен чекор во јакнењето на организираниот пазар и негова подготовка за идно поврзување со единствениот европски пазар на електрична енергија.

Анже Предовник, пак, ја нагласи важноста на партнерството и институционалната поддршка од Министерството за енергетика како клучен фактор за успешна реализација на проектот.