Коментар на францускиот фудбалер Килијан Мбапе предизвика сериозна меѓународна полемика која ги наруши деловните врски на шпанското фудбалско првенство во Азија. Напаѓачот на Реал Мадрид се најде во центарот на реакциите во Кина по изјава поврзана со хумористична интернет-монтажа.

Во спорната монтажа неговиот лик бил поставен врз телото на основачот на Народна Република Кина, Мао Це Тунг. Иако забелешката била искажана во рамки на разговор за мемиња и интернет-хумор поврзан со неговата популарност, темата се покажа како крајно чувствителна за кинеската јавност.

Критиките многу брзо ги надминаа рамките на социјалните мрежи и предизвикаа директни комерцијални последици врз фудбалерот и шпанската лига. Неколку кинески компании ја прекинаа соработката со Мбапе, додека кинеската државна телевизија целосно ги суспендираше директните преноси од натпреварите во Ла Лига.

Овој потег отвора финансиски проблеми за шпанското првенство, чии вкупни приходи во голема мера зависат од меѓународните телевизиски права и спонзорствата на азиските пазари. Во обид да ја смири кризата, претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, иницираше разговори за подобрување на односите со кинеските партнери.

Самиот Мбапе упати јавно извинување во кое изрази жалење за коментарот и за ненамерната навреда што ја предизвикал. Набрзо со официјално соопштение се огласи и раководството на Реал Мадрид, искажувајќи длабока почит кон кинескиот народ, неговата историја, култура и кон сите локални навивачи.

И покрај упатените извинувања од клубот и од фудбалерот, кинеските медиумски куќи ги задржаа рестриктивните мерки. Преносите од Ла Лига и рекламните материјали со ликот на напаѓачот остануваат суспендирани, а проценките укажуваат дека потенцијалните загуби на комерцијален план би можеле да достигнат стотици милиони евра.