Голем скандал со нелегално спортско обложување го потресе турскиот фудбал откако надлежните органи покренаа опсежни постапки против раководни лица. Турската фудбалска федерација суспендираше и упати на дисциплинска одговорност вкупно 448 актуелни и поранешни клупски функционери.
Истрагата опфаќа лица кои во изминатите пет години извршувале раководни функции во екипите од турската Суперлига и Втората лига. Сите тие се сомничат дека директно учествувале во спортско обложување во периодот додека официјално биле ангажирани на своите позиции.
Меѓу пријавените се наоѓаат и звучни имиња како што се претседателот на Трабзонспор, Ертугрул Доган, како и потпретседателот на Бешикташ, Хакан Далтабан. На списокот има и други истакнати функционери од гигантите Галатасарај и Фенербахче, при што околу 171 лице се директно поврзани со клубови од елитниот ранг.
Паралелно со овој случај, турските власти водат и засебна истрага за неправилности и сомнежи за корупција во судиската организација. Во таа акција веќе се уапсени шефот на Централниот судиски комитет, Ферхат Ѓундогду, неговиот заменик и уште пет други лица поради сомневања за местење испити и влијание врз делегирањето.
Овој потрес доаѓа по претходната голема афера во која Турската фудбалска федерација суспендираше 149 фудбалски судии и дури 1.024 играчи поради недозволено обложување. Засега нема официјална потврда дека тековната истрага за судиите е директно поврзана со обложувачкиот скандал на клупските челници.
