Сватот на Али Ахмети, Селаудин Арифи ја проширува својата бизнис мрежа во Кичево и минатата недела ја завршил зделката и ја купил мелницата Жито Караорман. Арифи е сопственик на АС Сењак фирма која е регистрирана во скромното финансиско портфолио на Тхор- компанијата на внукот на Ахмети, кој што ја купува Соравиа во центарот на Скопје. Обвинителството отвори предмет по допрен глас, а засега нема информации за трансфер на пари за Соравиа ниту пак што е откриено. Првите пари за прокетот Соравиа на Дрин Ахмети стигнаа од банката Крединс од Тирана, банка чиј генерален директор бил убиен пред 9 години од убијци на мотори кои се уште не се откриени, пренесува Телма.

Во петокот, Македонската берза го добила известувањето од кичевската фирма Жито Караорман дека имаат нов сопственик. Станува збор за Селаудин Арифи, сопственик на компанијата АС Сењак кој откупил повеќе од половина акции во Жито Караорман.

Арифи и неговата компанија Сењак се најдоа во истражувањето на КОД и Телма откако беше утврдено дека имал финансиски релации со компанијата Тхор на Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ. Потоа беше потврдено и дека Арифи е сват на Али Ахмети, односно неговата ќерка е вереница за Шкумбин, синот на претседателот на ДУИ.

Последните месеци Тхор на Дрин Ахмети и АС Сењак на Селаудин Арифи имаат големи бизнис зделки.

АС Сењак има акции во АД Европа, има раширена нискоградба, пред неколку месеци, друга фирма чиј сопственик е од сватовската фамилија Арифи купи голема бензинска пумпа на влез во Кичево, а истовремено неколку месеци на кичевски таблички го префрлија и над 400 илјади евра скапиот Ролс Ројс Фантом кој откри многу врски меѓу бизнисите на членови на семејството на Али Ахмети.

Последниот „шопинг“ на фирма од Арифи е Жито Карарорман, откако претходно Селаудин Арифи се ослободи од акциите во Жито Полог каде до почеток на јуни сватот на Ахмети беше бизнис партнер со Сергеј Самсоненко, Ненад Јосифовиќ и Орка на Камчев.

Дрин Ахмети преку Тхор, договори 39 проценти од центарот Соравија без да вложи евро по што почнаа истражувања за капиталот кој го излева следната генерација на семејството Ахмети низ Македонија.

Неколку недели и стотици објавени информации за оваа мрежа му требаа на обвинителот Ислам Абази, раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за да одлучи и по допрен глас да отвори предмет само за Соравиа. Абази исто така е од Зајас, а има и фотографии со таткото на Дрин Ахмети, за кого отвори предмет.

Досега нема никакви информации за текот на истрагата. Единствено познато е дека низ македонските финансиски текови не поминала првата зделка од 3 милиони евра за долг на Соравиа кој бил уплатен кон доверител на Соравиа.

Тие пари се уплатени од албанската банка Крединс во која акционер е вториот инвеститор во Соравиа Пе-вла-ку на Владимир Пјетерѓокај.

Крединс банката е меѓу 4-те најголеми банки во Албанија за кои пред две години беше воведена контрола за да утврди дали свесно договарале намалување на конкуренција во тамошниот банкарски сектор. Крединс е единствена банка во Тирана која е во целосна сопственост на албански фирми и акционери.

Пред девет години пред влезот во банката беше ликвидиран тогашниот генерален менаџер и основач на Крединс, Артан Санто. Бил застрелан од убијци кои со мотор му прижле маскирани го изрешетале и избегале. Од 2014-та досега убиството не е расветлено, но Крединс банката е проширена во Косово и сега преку купувањето на Соравија почнува операции и во Македонија.