Водечката верзија за несреќата со српскиот автобус синоќа на автопатот Тракија е човечка грешка, соопшти заменик-јавниот обвинител и директор на Националната истражна служба на Бугарија Борислав Сарафов.
-Ова е водечката верзија. Нема нерамнини на патот ниту на автопатот Тракија во Бугарија, немаше други пречки поради кои автобусот скршнал. Нема техничка неисправност што се случила ненадејно при движењето, рече Сарафов.
Според него, водечката верзија останува само човечка грешка, за која се собрани директни сведоштва од оние кои се возеле во автобусот.
-Возачот го сврти вниманието обидувајќи се да му помогне на еден од патниците да крене седиште, истакна тој.
Возачот на автобусот е Д.К. од Србија, кому му е одредена мерка задржување од 24 часа, соопшти утрово бугарската полиција.
Возачот наводно се здобил со полесни повреди и според се уште неофицијални информации има скршеница на раката.
Синоќа бил тестиран на алкохол и дрога, но двата резултати биле негативни.
Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, по посетата на повредените во автобуската несреќа во Бугарија, изјави дека на еден патник му била ампутирана ногата, а не на возачот, како што беше претходно објавено, пренесе Бета.
-Еден човек беше опериран и не се работи за возачот за кој се шпекулираше дека му ја ампутирале ногата, туку за татко на дете кому му е ампутирана потколеница, изјави Лончар за РТС.
Тој додаде дека две момчиња на возраст од десет и единаесет се на интензивна нега и ќе бидат префрлени во Софија.
-Другите деца се добро, ги посетив сите, изјави Лончар.
Тој рече дека повеќето од децата и родителите од автобусот, како и оние кои дошле во Бугарија кога слушнале што се случило, ќе пристигнат во Србија во текот на денот.