„На ДНК им продадов прскалки, не проверив дали Панчо има дозвола“
На денешното судење сведочеше Горан Игновски, сопственик на фирма од која музичката група ДНК набавувала прскалки за сценски настапи. Тој одговараше на прашања на адвокатите во врска со набавката, употребата и потеклото на пиротехничките средства.
Продажба на прскалки за ДНК
Игновски изјави дека не ги познава Дејан Јованов ниту Михаил Јованов и дека не знае за друга музичка група што користела вакви прскалки за сценски настапи.
„Рентал компании“ му барале прскалки, но ладни, додека топлите, како што рече, најчесто се користеле на свадби.
Тој потврди дека купил прскалки од Бугарија, од кои дел користел за презентација, а дел им продал на ДНК. Според неговото сведочење, од набавените 100 прскалки, осум биле продадени на групата, а остатокот брзо бил искористен или продаден.
Немање дозвола и прашањето за Панчо
На прашање дали може да се заклучи дека групата користела нелегални прскалки, сведокот рече дека претпоставува дека е така. Тој потврди и дека немал дозвола за промет со прскалки согласно Законот за употреба на експлозивни материи, по што подоцна престанал со нивна продажба.
Еден од адвокатите го праша дали побарал од Панчо да покаже дозвола за употреба на пиротехника, на што сведокот одговори дека не побарал таква дозвола.
Потекло на прскалките и различни брендови
Во текот на сведочењето беше посочено дека дел од прскалките употребени во Кочани биле од марката „Тропик“. Игновски нагласи дека тоа не значи дека се купени од него, додавајќи дека на настапите на групата се користеле и други брендови, како „Енигма“.
Тој рече дека прскалките најверојатно потекнуваат од иста фабрика во Бугарија. Игновски истакна и дека не го познава Денис Даутовски, и покрај тврдењата во истрагата дека прскалки биле купени од продавница во Кисела Вода од лице со прекар Чкаља.
Сведокот посочи и дека топлите фонтани можат да предизвикаат пожар, додека ладните не претставуваат таков ризик.
