Светата столица денеска соопшти дека се уште се можни преговори за да се најде мирно решение за руско-украинската криза, неколку часа по нападот на руската армија врз Украина.

-Трагичните сценарија од кои се плашеше целиот свет стануваат, за жал, реалност. Но, има уште време за добра волја, има уште простор за преговори, изјави Пјетро Паролин, државен секретар на Светата столица.

„Сè уште има простор да надвладее разумот, кој ги штити легитимните аспирации на сите и го штити светот од лудилото и ужасите на војната“, додаде монсињир Паролин, потсетувајќи на зборовите кои папата Фрањо ги кажа претходниот ден.

Светиот отец вчера изрази жалење за „сценаријата што се се’ позагрижувачки“ и и’ се закануваат на Украина и на „мирот на сите“.

-Чувствувам голема болка во срцето поради влошената ситуација во Украина. И покрај дипломатските напори во последните недели, се појавуваат сценарија кои се позагрижувачки. Како мене, многумина во светот чувствуваат вознемиреност и загриженост, рече папата на крајот на редовната општа аудиенција во среда.

„Ги повикувам сите страни да се воздржат од потези кои можат да предизвикаат нови човечки страдања, да го дестабилизираат соживотот на народите и да го дискредитираат меѓународното право“, додаде тој