Светата православна црква на 2 јануари го празнува споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец, во народот познат како Св. Игнет, Игњат, Игнатов ден.

Овој ден уште се нарекува и “Прв Божик”, зашто тогаш започнуваат подготовките за празникот, поврзан со раѓањето на Исус Христос – Божик. Празникот Игнат секогаш е пет дена пред Божик 2. 1./20 XII и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници.

Кога Игнатиј бил дете Исус го зел во прегратка и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно”. Настрадал за време на римскиот цар Трајан, кога Христијаните одбиле на римските богови да им се принесат жртви.

Овој ден има две значења. Првото значење на овој верски празник е дека според народното верување од овој ден започнува да расте денот, а второто е дека Свети Игнат е ден за кој се верува дека е одлучувачки за тоа што ќе ви се случува во текот на целата година.

На денешен ден, се верува, дека оној што ќе влезе прв во куќата носи среќа или несреќа. Ако тоа бил млад и убав човек (момче или девојка) се сметало дека носат среќа, а ако прв влезел некој старец или баба верувале дека не ќе оди најдобро. Обичајот е во врска со започнувањето на годината, кога се прогнозира среќата на поединецот и заедницата.

Запомнете дека во сите обичаи од постарите и попаметни луѓе има и мала вистина. Затоа вие денеска направете нешто добро. Бидете внимателни, и не го правете она што не сакате да ви се случува цела година. Денеска заборавете на нервозите и проблемите, и насмејте му се на секој оној кој размислува поинаку од вас. Поканете ги пријателите во вашиот дом, нагостете ги, насмејте се, напијте се. Потоа пред спиење прочитајте некоја добра книга, за умно да ви тргне годината.

Не заборавајте да ги бакнете саканите, да им кажете колку ги сакате и колку тие ви се потребни. Затоа што запомнете, без љубов, новата година, без разлика на денешниот ден, со сигурност ќе ви тргне во погрешен правец.

Што се однесува пак до значењето дека од денес почнува да “расте“ денот, според верувања во Мијачкиот крај, денот од Варвара, ден пред Свети Никола, е најмал, а денес за прв пат може да се забележи мало “растење“ на денот, но според “Лозоровци“ – жители на село Лазарополе, тоа ќе биде колку врв од игла.

s