Традиционално за големиот верски празник Богојавление – Водици, покрај во Кичево светиот крст се положува и во селата Другово, Белица и Цер.

Положениот свет крст во студените води на Треска во Другово, крстот го фати Славче Мојсоски, во Белица од Беличка река по втор пат светиот крст го извади Мартин Колоски, додека во село Цер за прв пат крстот го фати младиот Виктор Вренцоски.

– Како и претходните години, така и годинава Општина Кичево на доброволците кои го извадија крстот во селата Другово, Белица и Цер им подари по еден златен крст, додека од страна на генералниот покровител „Зегин” на учесниците во фаќањето на крстот им подари маици со натписот „Водици-2022″, истакна Станоја Станојоски, претставник на Општина Кичево.

Во село Белица пред голем број верници и месни жители, по втор пат крстот од водите на Беличка река го извади Мартин Колоски, кој пред четири години исто така беше најспретниот и најсреќен од доброволците кои влегоа во водите на Беличка река.

– Чувството кога ќе се извади светиот крст од водите на Беличка река не може да се опише со зборови. Имав претчувство дека и овој пат среќата мене ќе ми се насмевне и ќе го извадам крстот од реката. За мене најголема награда е фаќањето на светиот крст, а сето останато е помалку важно и тоа останува да се памети. Ветувам дека и наредните години ќе скокам по светиот крст, рече Колоски.