И речиси една година подоцна, бавните тркала на правдата продолжуваат да се вртат додека Американците чекаат да видат што ќе се случи следно. Во меѓувреме, властите минуваат низ една од најголемите кривични истраги во американската историја – па можеби ќе помине некое време пред сите одговори да бидат достапни.
На 6 јануари, кога Конгресот се собра да ја потврди изборната победа на новоизбраниот претседател Џо Бајден, толпа поддржувачи на Доналд Трамп упаднаа во Капитолот на САД – уништуваа ѕидови, кршеа прозорци, упаднаа во федералните канцеларии, го зазедоа подот на Сенатот и крадеа мебел.
На снимките објавени на социјалните медиуми се гледаат групи како ги напаѓаат медиумите и ја извикуваат премногу позната порака од тогашниот претседател Трамп: медиумите се „непријателот на народот“. Во нападот на Капитол загинаа пет луѓе, околу 140 полицајци беа повредени, а исто така причинета е штета од околу милион и пол долари. Повеќе од 700 демонстранти се обвинети.
Упадот беше првиот голем напад на Капитол од 1814 година – кога Британците го запалија за време на војната во 1812 година. Многумина за упадот го обвинија Трамп, со оглед на тоа дека тој со месеци ги инструираше своите поддржувачи да веруваат дека изборите биле наместени (и покрај доказите што го докажуваат спротивното). Тој, исто така, даде коментари – и пред и на 6 јануари – кои беа сфатени како поттикнување насилство. Така на пример, кога од него беше побарано да ги осуди активностите на белите супремисти „Горди момчиња“ и милициските групи за време на претседателската дебата, тој само им порача „повлечете се, но бидете подготвени“.
Многу нешта се случија во 11 месеци по немирите…
Во јуни, Конгресот формираше комитет за истрага на немирите. Тој комитет е со овластување да повика лица да сведочат, слично на судска покана. Комитетот е составен од девет пратеници – вклучувајќи ги републиканските претставници Лиз Чејни и Адам Кинзингер – и двајцата ја критикуваа реториката на Трамп.
Комитетот издаде неколку барања за документи од Националниот архив поврзани со денот на упадот. Трамп се обиде да ја искористи извршната привилегија за да спречи да бидат доставени – но на сцена стапи администрацијата на Бајден, велејќи „извини, ама не е дозволено“ да се стопира таквата постапка. Со тоа започна правна битка меѓу нив двајца.
Во меѓувреме, беа повикани да сведочат и неколку соработници на Трамп, вклучувајќи го и поранешниот стратег на Белата куќа Стив Бенон, поранешната прес-секретарка Кејли МекЕнани, поранешниот шеф на кабинетот на Белата куќа Марк Медоуз, поранешниот постар советник Стивен Милер и многу други. Но, не сакаа сите да соработуваат. Бенон одби да предаде документи или да седне за сослушување, велејќи дека е покриен со извршната привилегија на Трамп. Иако, правните експерти коментираа „па не баш“. Бенон не беше во администрацијата на Трамп во времето на немирите. И Бајден се откажа од користењето на привилегијата кога станува збор за документи и сведоци поврзани со упадот. Во ноември, Бенон беше обвинет по две точки од обвинението за непочитување на Конгресот, при што секоја од нив предвидува 30 дена до една година во затвор. Тој подоцна се предаде, а беше ослободен без кауција откако го предал пасошот.
Медоуз на почетокот делумно учествуваше во истрагата на комитетот – прво им даваше на пратениците информации како што се СМС пораки и размена на е-пошта. Но, тој нагло ја смени песната, одбивајќи да се појави на сослушување и поднесе тужба против Комитетот, во обид да ја блокира поканата. Во средината на декември, пратениците кои го истражуваа упадот препорачаа Медоуз да биде обвинет за кривично дело „непочитување на Конгресот“. И Конгресот изгласа тој да биде кривично гонет, по што сега случајот е во рацете на Одделот за правда – кој ќе одлучи дали ќе го гони поранешниот шеф на кабинет.
Во меѓувреме, комитетот пребарува низ илјадници страници документи од федералната влада. И, исто така, побара евиденција од социјалните медиуми и комуникациските компании. Законодавците ги искараа извршните директори на Гугл, Фејсбук и Твитер поради поврзаноста помеѓу онлајн дезинформациите и немирите. Но, само Џек Дорси, поранешниот извршен директор на Твитер, призна дека нивниот производ имал улога во смртоносниот бунт. Не е јасно кога комитетот би можел да ја заврши истрагата и што би можело да се случи како резултат на нивните наоди.
Федералните обвинители оценија дека истрагата на Министерството за правда за нападот е „веројатно најсложената истрага” што ја водела досега. До декември, речиси 700 луѓе се обвинети во врска со немирите. Обвиненијата се движат од нарушување на редот и мирот до напад на федерален службеник за спроведување на законот.
Околу 120 обвинети ја признаа вината. Во јуни, Ана Морган-Лојд, 49-годишна жена од Индијана, беше првата личност осудена по обвиненијата поврзани со упадот – таа се изјасни за виновна за едно прекршочно обвинение и доби три години условна казна. Во декември беше изречена највисоката казна за учеството во нападот на Капитол. Федералниот суд на САД осуди на повеќе од пет години затвор демонстрант кој учествуваше во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година. Роберт Скот Палмер од Ларго, Флорида, е осуден на 63 месеци затвор за напад на полицијата во немирите во Капитол. Судот наведе дека Палмер фрлил дрвена даска и противпожарен апарат кон полицајците кои се обидувале да ги спречат демонстрантите, а потоа со шипка ги нападнал полицајците. Палмер е првиот меѓу учесниците во немирите на 6 јануари кој е осуден по обвинение за напад, давање отпор или попречување на службено лице со употреба на оружје. Палмер беше уапсен на 17 март. Тој се изјасни за виновен на 4 октомври.
Џејкоб Ченсли – познат како „Кјуенон Шаман“ (QAnon Shaman) кој упадна во Капитол облечен во крзнена наметка и со боја за лице – исто така беше осуден на 41 месец затвор за неговата улога во немирите. Но, експертите велат дека другите обвинети можеби нема да се соочат со време зад решетки, бидејќи многумина се соочуваат со обвиненија за дела од ниско ниво што можеби нема да резултираат со затвор.
Ројс Ламберт, судија на Окружниот суд во главниот град на САД, на 20 декември го осуди обвинетиот Девлин Томпсон на 46 месеци затвор бидејќи удрил полицаец со палка. На Томпсон, кој беше приведен во август кога се изјасни за виновен, времето што го помина во притвор ќе биде вклучено во времетраењето на казната.
Но, претстои уште многу работа. Официјалните лица сè уште трагаат по осомничените, вклучително и оние кои се обвинети за напад на полицајци и новинари, како и лицето кое поставило импровизирани експлозивни направи во канцелариите на Демократската и Републиканската партија (ФБИ нуди награда од 100 илјади долари за повеќе информации за ова лице ).
Во меѓувреме, и други се соочуваат со правни проблеми. Во декември, јавниот обвинител на Дистриктот Колумбија поднесе тужба против екстремно десничарските групи „Горди момчиња“ и „Чувари на заклетвата“, како и водачите и членовите на групите, за нивната улога во немирите. Во тужбата се наведува дека тие работеле заедно на „заговор, објавување, регрутирање и финансирање на нивниот планиран напад“. Претходно член на Конгресот и група полицајци поднесоа слични тужби, но оваа е прва од владина агенција.
Американската полиција за Капитол е задолжена за заштита на Конгресот, членовите на Конгресот и конгресните згради и терени. И иако голем број полицајци беа на терен за нападот на 6 јануари, одделот беше обвинет дека не бил доволно подготвен да се справи со настаните што се случија. Видео покажува колку блиску се приближила толпата бунтовници до тогашниот потпретседател Мајк Пенс, како и до некои сенатори. Ден по нападот, началникот на полицијата на Капитол, Стивен Сунд поднесе оставка. Пратениците повикаа на истрага за безбедноста во Капитол. Четворица полицајци кои беа на должност за време на немирите оттогаш извршија самоубиство.
Еден извештај од интерна истрага на полицијата во Капитол покажа дека одделот бил предупреден три дена пред нападот дека поддржувачите на Трамп планираат да го таргетираат Конгресот – и дека работите би можеле да станат насилни. Извештајот, исто така, откри дека Одделот за домашна безбедност ја предупредил агенцијата дека мапата на системот за тунели на Капитол била објавена на про-Трамп страници на интернет. Исто така, се наведува дека одделот „нема соодветни политики и процедури“ за да одговори на упадот.
На 6 јули – на шестмесечната годишнина од немирите- тогашната в.д. шефица на американската полиција на Капитол, Јогананда Питман, ги објави промените што агенцијата ги спроведува. И рече дека се работи „деноноќно“ за да се подобри безбедноста и поддршка за службениците. Таа рече дека препораките произлегуваат од голем број прегледи на нападот од голем број ентитети, вклучително и комитет на Сенатот на САД, избрани комисии на Домот, Канцеларијата за одговорност на владата и други.
Речиси една година подоцна од сцените со насилство и дивеење на поддржувачите на Трамп кои го шокираа светот, но и американските политичари, многу работи се се уште непознати. Експертите посочуваат дека е неопходно и јасно да се одреди улогата на поранешниот претседател во немирите. Иако не веднаш, сепак Трамп повика на смирување на ситуацијата, а демонстрантите кои влегоа во Капитол рече дека се прекршители на законот и оти за тоа ќе платат. Но пред неколку дена Марк Медоуз, шефот на кабинет на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, на конгресната комисија која го истражува упадот во Капитол Хил и предаде докази за планот на Трамп повторно да дојде на власт.
Лондонски „Гардијан“ пренесува дека оваа надлежна истражна комисија смета дека постои поврзаност меѓу администрацијата на Трамп и организаторите на нападот на Капитол. Фактот дека Медоуз еден ден пред нападот на Капитол Хил поседувал документ во ПауерПоинт, што детално го опишувал државниот удар, сугерира дека тој бил свесен за напорите на Трамп и неговите сојузници да го запрат прогласувањето на нов претседател. Презентацијата има 38 страници и е насловена „Изборна измама, мешање и опции за 6-ти јануари“ и во неа има неколку препораки за Трамп да ја задржи претседателската функција и да го почне својот втор мандат, потпирајќи се на лаги и бројни теории на заговор.
Сенаторите и членовите на Конгресот прво требало да бидат информирани за наводното мешање на странците во изборите, по што Трамп би можел да воведе вонредна состојба на национално ниво, да ги прогласи електорските гласови за неважечки и да побара од Конгресот соодветна одлука. Една од опциите за преземање на власта била тогашниот потпретседател, Мајк Пенс, да ја злоупотреби својата церемонијална улога на заедничката седница на Конгресот на 6 јануари, за да го спречи Бајден да биде прогласен за нов претседател и со тоа да го врати Трамп во Белата куќа.
Препораките во презентацијата се засноваат на измислени и неосновани наводи за изборна измама, вклучително и дека „Кинезите систематски ја преземаат контролата врз американскиот изборен систем“.