Претседателот на Светска банка Дејвид Малпас денеска изјави дека за неколку дена можат да обезбедат финансиска поддршка за Украина, а во вторник шефовите за финансии на Г7 ќе разговараат за дополнителна помош за земјата.
„Банката прави се што е во нејзина моќ за да го поддржи украинскиот народ“, изјави Малпас за CBS.
Малпас пред една недела разговараше за опциите за финансирање на Светска банка со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Шефот на Светската банка тогаш изјави дека банката подготвува помош за Украина во износ од 350 милиони долари.
За тоа раководството требаше да донесе одлука до крајот на март. Но, се чини дека помошта ќе биде испратена многу порано.
Малпас најави дека ќе се приклучи на виртуелниот состанок на министрите за финансии на Г7 и гувернерите на централните банки во вторник и ќе разговара за други опции и „може да одлучи колку помош ќе оди за Украина“.
Извор запознаен со плановите за состанокот на претставниците на Г7 изјавил, како што пренесува Ројтерс, дека на состанокот ќе се разговара и за последниот бран санкции против Русија, како што се исклучувањето од SWIFT и неутрализацијата на 630 милијарди долари девизни резерви на Русија во централната банка.
Малпас, исто така, истакна дека Светската банка, со Меѓународниот монетарен фонд, разговара за тоа како да им помогне на земјите кои граничат со Украина, како Романија и Молдавија, да ги поддржат во прифаќањето на украинските бегалци.
Малпас изјави дека финансиските санкции против Русија за жал ќе имаат негативно влијание врз рускиот народ.
„Сето ова е трагедија за Украинците, нивните соседи, но и за Русите. Тие не ја избраа војната“, рече тој.