Годинава, но и наредните две, македонската економија ќе има скромен економски раст, најнизок меѓу земјите од Западен Балкан, што дополнително ја оддалечува земјата од европскиот просек, покажуваат податоците од најновиот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан, објавен денеска.

Светска банка ги намали прогнозите за раст на домашниот бруто производ годинава на 1,8 отсто, што е за 0,6 процентни поени помалку во однос на пролетниот извештај. Истовремено, поради високите трговски маржи, но и притисокот што го прави порастот на платите, намалувањето на инфлацијата ќе оди потешко од очекувањата, а дополнителен проблем е и високиот буџетски дефицит, кој остава мал простор за создавање резерви за идни кризни ситуации.

Трендот на економски раст на земјава е посебно индикативен, бидејќи, како што покажуваат податоците објавени во извештајот, нашата земја и претходните три години, но и наредните две, е на последното место меѓу земјите од Западен Балкан, што го зголемува јазот со регионот, а уште повеќе и со земјите од Европската унија кон кои што тежнее.

„Растот во земјава почна да забавува во вториот квартал од годинава и од стапка на раст од 2,1 процент во првиот квартал дојде до 1,1 раст во вториот квартал“, рече Јоана Маџоска, економист во Канцеларијата на Светска банка во Скопје, на денешната презентација на Извештајот „Кон одржлив раст“ во Скопје.

Таа објасни дека растот беше предводен од личната потрошувачка, наспроти извозот и бруто инвестициите кои се намалија како резултат на намалувањето на глобалната потрошувачка, како и состојбите кај нашите главни трговски партнери.

„Личната потрошувачка забави во споредба со минатата година заради континуираната висока инфлација и забавеното кредитирање кои влијаеја врз куповната моќ на населението“, рече Маџоска.

Во однос на инфлацијата, како што беше посочено на презентацијата, дека се намалува, но дека сепак, останува и натаму релативно висока.

Така, ако се земат податоците за првите девет месеци од годинава во споредба со истиот период лани инфлацијата беше 11,3 проценти.

„Нашата проекција до крајот на годинава е дека инфлацијата ќе биде 9,1 проценти. Очекуваме дека стапката ќе се намалува, но сепак вкупната инфлација ќе остане висока годинава“, рече Маџоска.

Таа нагласи дека вкупната инфлација можеби се намалува, но базичната инфлација останува подолго висока.

Осврнувајќи се на истата тема, Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист за земјите од Западен Балкан, рече дека за разлика од порано кога влијанието на надворешните фактори беше најважно за растот на инфлацијата, сега се домашните фактори, особено растот на платите во јавниот сектор, но и големата профитна маржа на компаниите.

Таа објасни дека до април годинава, растот на платите заостанувал зад порастот на инфлацијата, но од овој месец наваму, трендот се обратен, односно платите растат позабрзано од инфлацијата и тоа придонесува опаѓањето на инфлацијата да оди со забавено темпо. Од Светска банка очекуваат ваквиот тренд да продолжи и наредната година, така што постигнувањето на целта, инфлацијата да се сведе на ниво од околу 2-3 проценти, ќе оди потешко од очекувањата.

„Домашните фактори кои притискаа врз инфлацијата ги немаше до април. Од април почнаа да се зголемуваат платите и како такви придонесуваат на зголемување на инфлацијата. Тоа се уште не е значително. Сепак зголемувањето на платите во јавниот сектор за 10 проценти ќе влијае на зголемувањето на минималната плата, а со тоа и на просечната плата. Очекуваме овие притисоци врз инфлацијата да се зголемат следната година“, рече Маџаревиќ Шујстер.

Одговарајќи на прашања на новинарите, како зголемувањето на платите во јавниот сектор и кај функционерите ќе влијаат врз инфлацијата, Маџаревиќ Шујстер рече дека тоа ќе има свое влијание врз инфлаторните притисоци.

Од друга страна од Светска банка не очекуваат мерката за зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто кај поголема група производи да дејствува инфлаторно.

Според Маџоска, станува збор за ограничен број на производи од кои голем дел не влегуваат во пресметката за инфлација што ја прави Државниот завод за статистика, така што не очекува оваа мерка да има големо влијание на стапката на инфлација.

Светска банка упати и сериозни предупредувања во однос на состојбите во Буџетот, особено за буџетскиот дефицит кој останува висок, односно последните две години е највисок меѓу земјите од регионот.

„Фискалните ресурси не се неограничени и треба да бидат одржливи за да се одржи стабилноста. Гледам светла насекаде. Тоа не се неограничени ресурси и постои трошок за нивно користење“, рече Маџаревиќ Шујстер.

Како пример таа го посочи субвенционирањето на електричната енергија, пред се онаа на фосилни горива, што доколку продолжи ќе ги направи проблемите подолгорочни. За споредба, други земји во регионот, како Србија, на пример ја зголеми цената на електричната енергија и на гасот, што услов таму да има поголема инфлација, која е на ниво од 12,5 отсто, но придонесе за фискална консолидација.

„Обезбедувањето на евтина енергија има свој трошок“, рече Маџаревиќ Шујстер, додавајќи дека тоа се одразува и на високото ниво на дефицит, кое е многу поголемо од просекот на регионот. Таа сугерираше финансиите да се насочат во капацитети на соларна енергија и инвестиции во енергетска ефикасност. Во спротивно, државата ќе се мачи да ги надмине краткорочните предизвици наместо да се движи во насока на зголемување на долгорочната одржливост.

Кризата влијаеше и врз стапката на сиромаштија, која според Светска банка, се намалува но со побавно темпо поради високата инфлација.

Од Светска банка велат дека земјите кои што зависат најмногу од извозот во западноевропските трговски партнери, сега ги чувствуваат повеќе последиците од она што се случува кај нив. Во оваа група покрај Македонија се и Србија и Босна и Херцеговина, кои се потпираат на извозот во Германија Од друга страна, земјите како Црна Гора и Албанија, кои развојот го темелат на туризмот, сега поминуваат подобро бидејќи годинава оствариле многу добри приходи од оваа дејност.

Од Светска банка исто така посочија дека високата инфлација придонесе буџетските приходи да се зголемат, но таа состојба нема да биде долготрајна и со тоа се наметнува потребата за фискална консолидација и за преземање структурни реформи.

На прашање на новинарите, како го толкуваат фактот што во Македонија, наспроти високата инфлација, потфрлија приходите во буџетот од Данокот на додадена вредност, од Светска банка велат дека тоа се должи на намалената побарувачка во целина, но и поради различниот начин на плаќање на ДДВ при увозот на енергенти.

Според Светска банка, најголем раст од 4,8 проценти годинава се очекува да има Црна Гора по што следи Албанија со 3,6, Косово со 3,2, Босна и Херцеговина со 2,2, Србија со 2. Прогнозите за Северна Македонија за економскиот раст се 1,8 проценти, во 2024 година се очекува раст од 2,5, а во 2025 година раст од 2,9 проценти.

Просечниот раст на земјите во Западен Балкан годинава се очекува да изнесува околу 2,5 проценти.