Атописки дерматитис (синоними: доенечки егзем, детски егзем, неуродерматитис, pruridermatitis chronica allergica) е најчесто хронично заболување на кожата кај децата кое што настанува поради
сложено взаемно дејство на надворешни и генетски фактори.

Кај повеќе од 60% од децата болеста започнува со егзем во периодот помеѓу вториот и шестиот месец, а кај 85% се појавува до петтата година од животот. Кај една третина од пациентите болеста
во блага форма може да перзистира во текот на целиот живот, но кај повеќето од децата тегобите престануваат после доенечкиот период или после завршување на пубертетот.

Причините за настанување на атопискиот дерматитис

Причините не се целосно познати, но во основа се поврзуваат со задоцнетиот развој на имунолошкиот систем. Голем број од децата во семејната историја имаат некоја од атописките болести (астма, алергиски ринитис). Во основа на атопискиот дерматитис е сува кожа, што е резултат на пореметување во метаболизмот на полинезаситена масна киселина-Линоленска киселина што доведува до нарушена кожна
бариера. Тоа од една страна доведува до зголемена и лесна загуба на вода преку кожата, поради што таа е сува, од друга страна доведува до лесно навлегување на бактерии и алергени во неа и како резултат на тоа се јавува воспаление на кожата.

Третманот на атописки дерматитис

Третманот подразбира комплексен приод што вклучува избегнување на сите иританси, физички и хемиски дразби како што се: влага, сув и топол воздух, прашина, алкални сапуни, детергенти, омекнувачи за алишта, груби синтетички материјали, животински влакна, храна (јајца, кравјо млеко, риба, кикирики, агруми-цитрусни овошја, пченица…..)

Атопискиот дерматитис е болест на модерното време и е во постојан пораст, посебно во урбаните и развиени средини.