Денешниот Светски ден на слободата на медиумите е важен потсетник за медиумската одговорност за транспарентни и одговорни институции и за почитување на слободите на медиумите со цел да се креира амбиент во кој тие ќе ја вршат својата работа согласно професионалните принципи на новинарството, ослободени од политички и економски притисоци, изјави претседателот Стево Пендаровски, на панел-дискусија посветена на безбедноста на новинарите и медиумските работници, одржана по повод 3 мај – Светскиот ден на слободата на медиумите.

– Пандемиските години и војната во Украина ни покажаа колку е важна работата на медиумите за добивање на навремени, проверени и непристрасни информации во време кога се соочуваме со океан на информации кои и штетат на секоја демократија. Загрозувањето на безбедноста на медиумските работници е загрозување на медиумските слободни. Заплашувањето, физичките напади, уцени, вознемирувањето на интернет, родово базираното вознемирувачко говорење, дискриминацијата и другите форми на притисок им оневозможуваат на медиумските работници да ја работат слободно својата работа, нагласи Пендаровски.

Претседателот наведе дека ги поддржува предлозите за измените на Кривичниот законик иницирани од страна на ЗНМ и ССНМ со кои се предлага нападите врз новинарите и медиумските работници да се третираат како кривични дела, кои ќе се гонат по службена должност со предвидени повисоки казни за престапниците.

– Со тоа ќе придонесеме за поголема заштита на новинарите и медиумските работници и за искоренување на културата на неказнивост која за жал е се уште поддржувана од некои сегменти во македонското општество, додаде Пендаровски.

Претседателот нагласи дека безбедноста на новинарите е заедничка обврска на сите, но пред се на државните институции и политичките фактори.

– Инаку тоа не ни треба само како политичка флоскула. Сите државни институции се должни да овозможуваат непречен пристап до сите информации за нивната работа за да можат новинарите квалитетно да ги информираат граѓаните. Безбедносните и правосудните органи навремено и неселктивно да постапуваат во случаите кога се загрозува безбедноста на новинарите. Тука треба да ја имаме и предвид и констатацијата од извештајот од на ЗНМ дека и покрај и намалениот број на закани и напади новинарите се уште се чувствуваат несигурни поради инертноста на обвинителството и судството во решавањето на ваквите случаи во минатото, заклучи Пендаровски.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Младен Чадиковски оцени дека релативната слобода во која сега живееме, не смее да не залажува, бидејќи без системски решенија што ќе гарантираат квалитетна медиумска содржина и независност на уредувачката и новинарската работа, цело време ќе се вртиме во круг.

– Време е за суштински промени кои ќе гарантираат слобода на работењето, затоа што слободата на говорот, на мислата, тешко се стекнува, мачно се заработува, но може многу лесно да се изгуби, истакна на панел-дискусија посветена на безбедноста на новинарите и медиумските работници, истакна тој.

Чадиковски потенцираше дека пазарот во нашата земја е мал, недоволно атрактивен и не остава простор за развој на независно новинарство, па медиумите често зависат од политички или од бизнис центри на моќ. Поради ова, како што додаде претседателот на ЗНМ, квалитетот на медиумските содржини понекогаш не е доволно значаен, не е доволно квалитетен, на национално, на регионално или на локално ниво, секаде.

– Затоа и ние мора да ги поставиме приоритетите, да се спротивставиме на медиумската олигархија која е во полигамен брак со политиката и со бизнисот. Како? Има неколку начини. Тоа што како прво сакам да го истакнам, дека како фела сме обединети во барањето за формирање на независен национален фонд за создавање на медиумски содржини. Професионалното новинарство чини, добрата информација чини, време, труд, размислувањето, пари. Никогаш не сме кукале, ниту барале државни фондови и тоа нема сега да го правиме повторно, истакна Чадиковски.

Тој посочи дека мора да се препознае моментот дека во земјава има недостиг од добри емисии, шоуа, добри програма, документарци, едукативни и истражувачки стории, оти има огромна потреба и од квалитетни содржини и на локалните, регионалните медиуми и на националните.

– Затоа инсистираме и на создавање на независен фонд за проекти од јавен интерес со приоритет кон новинарите од внатрешноста во Републиката и кон младите новинари. Затоа што сакаме да се стимулира критичко и аналитичко новинарство како предуслов за подобрување на општеството, нагласи Чадиковски.

Претседателот на ЗНМ информираше дека бараат создавање на услови за понатамошна независност и дополнително продлабочување на реформите во јавниот сервис особено за моделирање на значајната улога на информативната програма.

– Не е доволен само баланс на информациите, потребно е промовирање на националниот сервис во информативен лидер за кревање на стандардите на целата фела, посочи Чадоковски.

Тој нагласи дека медиумските работници бараат прифаќање на процесот на саморегулација.

– Знам дека не сме безгрешни, новинарството живее во ера која е дел од пропагандни и од лажни наративи, но ние професионалците имаме обврска да ги посочиме со прст оние што прават проблеми во нашите редови, рече Чадиковски.

Тој наведе дека бараат итно усвојување на Законот со кој ќе се овозможи на насилниците против новинарите да бидат гонети по службена должност. Немаме време, додаде Чадиковски, да чекаме да минат сите политички кризи и банални прес-конференции на партиите за да им текне дека постојат заради граѓаните чиј застапник во јавноста сме обично ние новинарите. Тој закон е заглавен во Собрание.

– Бараме усвојување на Законот со кој драконските казни против новинарите се намалуваат четирикратно и тој е поднесен и заглавен во Собрание, истакна претседателот на ЗНМ.

Чадиковски порача дека ограничената слобода на медиумите ја ограничува и слободата на оние за кои работиме – граѓаните.

– Се надевам дека од денеска па натаму ќе имаме пресврт во градењето на нов менталитет, реформа на менталитетот, во кој на новинарите нема да се гледа како на боксерска вреќа или во нив да се бара ПР поддршка. Мора да заврши времето на ПР-новинарството, прес-конференции без можност за прашања за прања, дебатни клубови без новинари, напишани соопштенија од ПР-тимови на министерства, влади и партии, заклучи претседателот на ЗНМ.