„Поддршката не смее да биде симболична, туку континуирана обврска“
По повод 2 април – Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека зад секоја дијагноза стојат луѓе со уникатни способности, како и семејства кои секојдневно вложуваат љубов, труд и посветеност.
Таа посочи дека аутизмот претставува комплексен и разновиден спектар на искуства, кој ја проширува перцепцијата за човечката различност.
„За мене, бројни поединци кои се поврзуваат со овој спектар се инспиративен пример дека различноста може да биде извор на исклучителен интелектуален придонес. Лицата од аутистичниот спектар нè учат на искреност, трпение и на различни модалитети на изразување и интеракција. Поддршката за нив не смее да биде симболична, туку мора да се артикулира како системска и континуирана обврска, преку обезбедување достапни услуги, стручна поддршка и инклузивни политики што овозможуваат нивно учество и развој“, напиша претседателката во објава на Фејсбук.
Инклузијата како мерка за зрелоста на општеството
Сиљановска-Давкова нагласи дека инклузијата не треба да се гледа како апстрактен концепт, туку како реален показател за развојот на едно општество.
„Таа се гради преку разбирање, одговорност и активна посветеност на создавање средина во којашто различноста не се маргинализира, туку се препознава и вреднува“, истакна Сиљановска-Давкова.
