Здружението „Вина од Македонија“ го одбележа Светскиот ден на вранецот, водечката регионална автохтона сорта и дел од нашето национално винско наследство. Манифестацијата годинава се одржува по шести пат со цел да го популаризира исклучителниот квалитет и карактеристики на вранецот пред винската елита ширум светот и да ја позиционира оваа сорта на светската винска мапа.
Главната манифестација на Светскиот ден на вранецот се одржа во сабота, 5 октомври, во Националната опера и балет во Скопје, со Вински салон на кој винските љубители имаа можност да дегустираат вина од сортата вранец, претставени од 20 македонски винарници членки на Здружението „Вина од Македонија“ и на Здружението „Македонски семејни винарии“.
Во рамки на манифестацијата, специјален концерт одржа минатогодишниот Амбасадор на вранецот Казухиро Котетсу, кој е основач на Токискиот камерен оркестар „Вране”.
„Сите ние, македонските винарии, сме денес тука да покажеме и да докажеме дека и покрај соочувањата со предизвиците, со соработка и посветеност можеме да ги надминеме. Светскиот ден на вранецот од иницијатива за популаризација на оваа сорта прерасна во традиција, со чија помош, македонското вино го позиционираме на светската винска мапа. Ќе ни треба уште долг пат“, рече претседателот на „Вина од Македонија“ Светозар Јаневски, истакнувајќи дека е потребно да има поголема и подобра соработка помеѓу сите чинители во македонската винска индстрија со цел да се подобри имиџот на македонското вино во светот, да се вложува во капацитетите за промовирање на винскиот туризам и да се вложува во развојот на оваа индустрија особено преку системот за стандарди и географски ознаки.
„Традиционално, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е главен поддржувач на манифестацијата и среќен сум што вечерва на пиедестал ја ставаме нашата препознатлива сорта вранец, како водечка регионална автохтона сорта и дел од нашето национално винско наследство“, изјави министерот за земјоделсво, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
„Со задоволство ја следам напорната работа што Вина на Македонија ја прави со промовирање на вината од овој регион, како и нивната поддршка во зачувувањето на традициите на производство на вино и уникатниот идентитет на вранецот“, изјави Оцука Казуја, амбасадор на Јапонија во Р.С. Македонија, посакувајќи понатамошна континуирана промоција на македонското вино во Јапонија.
На манифестацијата беа присутни и 25 интернационални вински новинари кои деновите пред настанот посетија 11 македонски винарници со цел да се запознаат со македонската винска индустрија, да пробаат квалитетно македонско вино и да ја промовираат нашата држава како винска земја пред бројни читатели на светски познати магазини како Forbes, Decanter, BKWine и WineSofa. Меѓу нив беше и ново прогласениот Амбасадор на вранецот за 2024 година, Пер Карлсон. Карлсон е светски познат новинар кој последниве 3 години редовно пишува статии и спроведува интервјуа за вранецот во едно од најпознатите списанија – Forbes. Тој минатата година беше и судија на Vranec Selection, натпреварот посветен на вранец, кој се држа во нашата држава во организација на Concours Mоndial de Bruxelles.
Во рамки на настанот беа доделени благодарници на Јапонската и Швајцарската амбасада, која континуирано го поддржува Светскиот ден на Вранецот уште од првото издание во 2019 година.
Главен поддржувач на настанот е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а годинава со своја поддршка се приклучи и Јапонската амбасада, која ја прославува 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Јапонија.