– Имам големи очекувања дека со формирањето на новата влада во Софија, дијалогот повторно ќе се отвори и дека ќе се најде компромис. Тоа е клучна работа и многу важна. Сите во регионот се израдувавме кога една од трите големи теми беше отстранета, а тоа е Преспанскиот договор. Изненаден сум дека после тоа дојде до застој. Тажен сум, следам што ќе се случи и се надевам дека во Бугарија ќе има нова влада со полн капацитет која ќе седне со своите партнери во Скопје и ќе рече: „ајде да бараме решение“, вели во интервју за МИА поранешниот генерален секретар на Советот за регионална соработка и дипломат, Горан Свилановиќ.
Според него, земјава во некој смисла е жртва, зашто направи сериозни и храбри чекори напред, а се уште не доби датум за почеток на преговорите со Европската унија.
– Направен е голем чекор кој не го доби она што требаше – датум за почеток на преговорите. Сметам дека тоа само дополнително ја продлабочи недовербата на некои од луѓето кои живеат тука. Неопходно е и важно да се охрабри секој што сега или утре ќе ја води оваа земја – да знае дека од другата страна има партнер во ЕУ кој ќе каже: „во ред е, тоа го договоривме и тоа ќе го почитуваме“. За жал, тоа охраборување не дојде и за тоа сум многу критичен, кажувам отворено. Во овој момент довербата е ослабена. Едно ветување е неисполнето, а условите се исполнети, истакнува Свилановиќ.
Тој зборува и за Отворен Балкан, потенцирајќи дека оваа иницијатива воопшто не е некаква конкуренција на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), отфрлање на некоја од неговите членки или форсирање нова, поинаква агенда. Напротив, сите земји-членки на КИФ се добредојдени, но идејата е – додека „висат“ одредени нивни нерешени прашања, Македонија, Србија и Албанија економски да се движат побрзо и поефикасно.
-Луѓето бараат да видат конкретен бенефит од соработката – во транспортот каде камионите се уште стојат или во слободата на трговијата со услугите. Ако сте сопственик на стоматолошка ординација во Скопје, да можете да отворите ординација каде било во регионот без дополнителни процедури, квалификацијата да ви биде признаена. Овие работи мора да се операционализираат. Но, засега стојат. Зошто? Затоа што некогаш треба навистина многу закони да се сменат, а некогаш и најчесто за некои прашања се уште нема решение, како во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Тука е всушност воведот во приказната со Отворен Балкан. Тоа е вистинската причина за ваквата иницијатива. И воопшто не се работи за друга агенда. Целта е само да одиме побрзо, но истовремено да бидеме отворени и за останатите. Во таа смисла, не гледам конкуренција меѓу КИФ и Отворен Балкан, ниту некаква поделба или отфрлање на другите земји. Работата е овие три земји да не чекаат, да одат малку побрзо, а да бидат отворени за сите останати. Другите треба да согледаат дали овие три држави договорија и прават нешто вистински корисно и ако да, да речат: „па ајде и ние“, објаснува Свилановиќ.
Во сé поинтензивното ориентирање на земјите од Западен Балкан кон заедничкиот регионален пазар и засилувањето на нивната меѓусебна соработка во различни сфери, поранешниот дипломат не гледа идеја за повторно креирање на Југославија. Народите од овие простори, дециден е Свилановиќ, не се подготвени да одат чекор назад и за тоа никој не размислува.
– Ова го слушнав најпрво како забелешка – „овие сакаат да прават повторно Југославија“. Но, не е таква идејата. Никој не прави Југолсавија. Народите кои живеат во овој регион се изборија за независна, суверена и сопствена држава. Секоја од земјите се определи и за членство во ЕУ. Но, заедно со тој сон, се случува и вистинскиот живот. Да зборуваме отворено. Животот оди по некои текови кои големата политика ја ставаат некако на страна. Нашата реалност е заеднички пазар иако постојат пречки кои треба да се елиминираат, истакнува Свилановиќ.
Во интервјуто за МИА што ќе биде објавено утре, Свилановиќ се осврнува на европскиот инвестициски план, зборува за владеењето на правото и анализира колку е искористен бизнис потенцијалот на земјите од регионот. Открива и дека втората средба на Отворен Балкан ќе се одржи на почетокот на ноември во Белград, а планиранa е и средба во Будимпешта меѓу стопанските комори од Западен Балкан и на земјите од Вишеградската група.