Рутинските операции и породувања би можеле да станат опасни по живот процедури, а иднината на модерната медицина е загрозена од растечката отпорност на бактериите на антибиотици и други лекови, предупреди Светската здравствена организација (СЗО) во понеделник.
„Отпорноста на антибиотици, или пошироко, антимикробната отпорност (AMR), претставува сè пораспространет проблем што ја загрозува иднината на модерната медицина“, рече експертот на СЗО, Жан-Пјер Ниемази.
Пациентите со рак, како и луѓето со хронични заболувања, се исто така изложени на поголем ризик од инфекции предизвикани од бактерии, вируси или габи кои повеќе не реагираат на достапните форми на лекување.
СЗО ги повикува земјите да ги засилат своите напори за борба против антимикробната отпорност за време на Неделата за подигање на свеста за антимикробната отпорност, која трае од 18 до 24 ноември.
Според Ниџемази, се проценува дека во 2021 година, повеќе од еден милион луѓе починале како директен резултат на антимикробната отпорност.
Доколку продолжат сегашните трендови, моделите предвидуваат дека овој проблем би можел да предизвика дури 39 милиони смртни случаи низ целиот свет во следните 25 години, додаде тој.
Бројот на бактерии отпорни на лекови кои често се користат во третманот постојано се зголемува, додека во исто време се развиваат премалку нови антибиотици.
„Спречувањето на инфекции е еден од најефикасните начини за намалување на потребата од антибиотици“, рече експертот на СЗО, Праварша Пракаш.
Сепак, само малку повеќе од една третина од земјите целосно ги имплементираа упатствата на СЗО за превенција на инфекции на национално ниво.
Светската здравствена организација наведува дека многу земји се уште се далеку од постигнување на целите поставени од Светското здравствено собрание во 2024 година, кои треба да бидат исполнети до 2030 година.
Овие цели вклучуваат спречување на инфекции, правилна употреба на лекови во болниците, подобрување на капацитетот за тестирање и следење на антимикробната резистенција.
