Прагот од 70 проценти се смета за клучен за контрола на пандемијата, потсети Регионалната канцеларија на СЗО за Африка на денешната редовна онлајн прес-конференција.
Но, до 13 декември, само дваесет африкански земји вакцинираа најмалку 10 проценти од населението, само шест достигнаа 40 проценти и две (Маурициус и Сејшели) 70 проценти.
– Со оваа динамика, СЗО проценува дека ќе треба да се чека до мај 2022 година за Африка да има 40 отсто вакцинирани и до август 2024 година за да достигне 70 отсто, додаваат од Африканската канцеларија на СЗО.
– Но, можеме да спасиме уште многу животи ако го забрзаме темпото на вакцинација на почетокот на 2022 година, рече регионалната директорка Матшидисо Моети.
СЗО-Африка, исто така, додава дека минатата недела бројот на новозаразени со Ковид-19 скокнал за 83 отсто, што може да се припише на новата варијанта на омикрон, која првпат беше откриена на 24 ноември во Јужноафриканската република.
Бројот на новозаразени се удвојува на секои пет дена, што е најбрзо темпо од почетокот на годината, предупредува СЗО, но додава дека сепак има „помалку смртни случаи“ од претходните бранови на епидемијата. „Бројот на починати е дури 19 отсто помал од претходната недела“, додава организацијата.
„Сметаме, со внимателен оптимизам, дека бројот на смртни случаи и сериозни болести ќе остане низок во овој бран, но поради бавното темпо на вакцинација во Африка, тој ќе биде многу поголем отколку што треба“, рече Моети.