Полицијата ја истражува мистериозната смрт на Лидијана Алина Лоренцо и нејзината ќерка Мијана Софија Сантос

Телата на 33-годишната инфлуенсерка и модел Лидијана Алина Лоренцо и нејзината 15-годишна ќерка Мијана Софија Сантос биле пронајдени мртви во нивниот стан во населбата Бара да Тижука, во југозападниот дел на Рио де Жанеиро, соопштија бразилските медиуми. Трагичниот случај бил откриен откако загрижените соседи почувствувале силен непријатен мирис што доаѓал од нивниот дом и ја повикале полицијата.

Според информациите, немало видливи траги на насилство, а истрагата покажува дека мајката и ќерката биле мртви најмалку пет дена пред нивните тела да бидат откриени.

Телата биле пронајдени во одделни соби, девојчето во дневната соба, а мајката во спалната. Иако е направена обдукција, точната причина за смртта сè уште не е позната, а се чекаат резултатите од токсиколошките и лабораториските анализи.

Од Граѓанската полиција потврдија дека истрагата е во тек и дека се работи на утврдување на околностите.

Семејството на Лоренцо соопшти дека и мајката и ќерката потекнуваат од Санта Сесилија, град во јужната држава Санта Катарина, но последниве години живееле во Рио де Жанеиро. Мијана неодамна се преселила да живее кај својата мајка.

Лидијана била позната инфлуенсерка со над 54.000 следбеници на Инстаграм, каде што редовно споделувала фотографии од својот живот. Освен тоа што работела како модел, таа била и студентка по медицина на приватен универзитет во Рио.

Локалните власти најавија дека ќе бидат објавени повеќе детали кога ќе пристигнат резултатите од анализите.