Потпретседателот на Советот на министри и министер за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, рече дека Западен Балкан повеќе не може да чека за пристапување во Европската унија и дека Италија во Брисел ќе биде гласноговорник на барањата и силната желба на регионот за влез во Унијата.

„На силната потреба за Европа и Италија кои доаѓаат од Западен Балкан мора да се одговори без одлагање. Поради оваа причина, решивме да го продолжиме дијалогот, започнат на министерскиот состанок во Рим на 3 април, на нов состанок што ќе се одржи до крајот на годината, со цел да се утврди како напредува нашата соработка. Италија сака да игра водечка улога и е подготвена да се вклучи во играта, бидејќи иднината на нашата земја и Европа е во прашање. Балканот не може повеќе да чека“, напиша тој во едиторијал за белградски Блиц.

Тајани нагласува дека она што го бараат земјите од Западен Балкан не е попуст на реформите што треба да ги усвојат за влез во ЕУ, туку сигурност на процесот, роковите и пред се конечниот резултат.

„Можев да ја почувствувам нивната фрустрација од процесот на интеграција, кој во последните години станува се понестабилен, благодарение на честото бирократско толкување на динамиката на преговорите од страна на ЕУ. На овој начин се заборава извонредната трансформативна вредност што ја има процесот на интеграција за институциите и граѓанското општество на овие земји. Европскиот сон ризикува да стане илузија за сите нив“, рече Тајани.

Тој додава дека средбата во Рим послужила да се дадат итни конкретни одговори и да се утврдат неколку линии на иницијативи на кои ќе се работи во наредните месеци во сектори од заеднички интерес.

„Овие сектори се, на пример, заштитата и зачувувањето на културното наследство, како одговор на актуелните предизвици, почнувајќи од климатските промени и технолошките иновации, до земјоделскиот и агроиндустрискиот сектор“, рече Тајани.

Тој вели дека е оптимист за резултатите што може да се постигнат, бидејќи ја видел подготвеноста на сите да работат заедно, да се изгради синергија што може да обезбеди иднина на мир и просперитет за регионот, да работи на рушење на бариерите што го ограничуваат слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, со цел да се постигне заеднички регионален пазар како прв чекор кон интеграција на единствениот пазар на ЕУ.

„Имаме заеднички предизвици со Западен Балкан, а кои исто така бараат заеднички одговори: енергетска транзиција, поддршка за раст и вработување, борба против нерегуларната миграција“, рече шефот на италијанската дипломатија.

Тој посочува дека неговата земја има намера да развие повеќедимензионална акција кон балканскиот регион.

Трговска размена 17 милијарди евра

„На политичко ниво ќе продолжиме да ги зајакнуваме билатералните односи со секоја земја од Западен Балкан, додека во Брисел ќе бидеме гласноговорници на нивните барања и нивната силна желба за влез во ЕУ. Ќе продолжиме да придонесуваме за стабилноста и безбедноста на регионот со одржување на присуството на нашите вооружени сили“, рече Тајани.

Тој вели дека Италија, тргнувајќи од податоците поврзани со трговската размена која достигна вредност од 17 милијарди евра во 2022 година, ќе спроведе иницијативи насочени кон зголемување на присуството на нејзините компании во Западен Балкан.

„Ќе ја постигнеме оваа цел користејќи ги можностите што ги дава развојот на европските инфраструктури, така што, на пример, во наредните месеци ќе организираме иницијатива посветена на таканаречениот Коридор 8, патен и железнички центар што ја поврзува Италија. со Албанија, Северна Македонија и Бугарија, стратешка оска што ги поврзува Јадранското и Црното Море, рече Тајани.