Американската влада верува дека генералниот секретар на ОН е прилично подготвен да удоволи на руските интереси, покажуваат новообјавените тајни документи на Пентагон. Документите кои протекоа во јавноста покажуваат дека Вашингтон внимателно го следел Антонио Гутереш, јави Би-Би-Си.
Неколку документи ги опишуваат приватните комуникации меѓу Гутереш и неговиот заменик, како и опсервацијата на Гутереш за војната во Украина и низа африкански лидери.
Еден од документите се фокусира на Црноморскиот договор за жито, постигнат во јули од ОН и Турција по стравувањата од глобална криза со храна. Тие сугерираат дека Гутереш бил толку заинтересиран за зачувување на договорот што бил подготвен да ги прифати интересите на Русија, пишува Би-Би-Си. „Гутереш ги истакна своите напори за подобрување на извозната способност на Русија“, се вели во документот, „дури и ако тоа вклучува санкционирани руски субјекти или поединци“.
Неговите дејствија во февруари, според оценката, ги „поткопуваат широките напори да се бара одговорност од Москва за нејзините постапки во Украина“.
Велејќи дека нема да ги коментира објавените документи, еден висок функционер рече дека ОН се „водени од потребата да се ублажи влијанието на војната врз најсиромашните во светот“. „Ова значи да направиме сè што можеме за да ги намалиме трошоците за храна и да се осигураме дека ѓубривото е достапно за оние земји на кои им е најпотребно“, рече тој.
Друг документ, кој датира од средината на февруари, го опишува разговорот помеѓу Гутереш и неговата заменичка Амина Мохамед. Во него, Гутереш изразува „зачуденост“ од повикот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен до Европа да произведе повеќе оружје и муниција поради војната во Украина.
Двајцата разговараат и за неодамнешниот самит на африканските лидери. Амина Мохамед вели дека кенискиот претседател Вилијам Руто е „немилосрден“ и дека „не му верува“.
Американскиот портпарол за национална безбедност Џон Кирби за Би-Би-Си изјави дека американската влада прави сè што може за да го пронајде изворот на објавените документи.