Властите во мексиканската држава Гванахуато откриле 32 тела на имот во општината Ирапуато, а речиси половина од нив се веќе идентификувани.
Ова е само една од многу тајни гробници низ Мексико.
Канцеларијата на државниот обвинител соопшти преку социјалната мрежа Икс дека телата биле закопани во тајни гробници на имот во населбата Ла Калера, околу 320 километри северозападно од Мексико Сити.
Откритието следи помалку од два месеца по масовното пукање на улична забава во Ирапуато, кога загинаа 12 лица, пренесуваат агенциите.
Гванахуато е еден од најнасилните региони во Мексико, каде веќе неколку години трае конфликт меѓу картелот „Нова генерација Халиско“ и локалната група „Санта Роса де Лима“. Само во периодот од јануари до јули годинава, властите регистрирале повеќе од 1.500 убиства.
Мексиканските криминални групи често ги погребуваат своите жртви во нелегални и тајни гробници, а според официјалните податоци на федералната влада, бројот на исчезнати лица во земјата изнесува речиси 132.000.