Тринаесет годишниот Или Морина кој има посебен талент за математика уште од рана возраст почнал да постигнува одлични резултати на локални и регионални натпревари, каде што освоил прво место на Државниот натпревар за математика, а на регионалната олимпијада во Призрен, Косово, каде што имало деца на поголема возраст од него, успеал да влезе меѓу најдобрите 15. Неговата мајка, Имране Рамадани Морина, во разговор за МИА вели дека работата со талентирани деца, освен гордоста, носи и голема одговорност со себе и дека за неа најголем проблем е што нема институционална поддршка за талентираните деца.

Или е осмо одделение во ООУ „26 Јули“ и ни кажа дека уште од почетокот на неговото училишно образование добивал најдобри оценки по математика, но кога го открил својот талент, почнал да работи и со други професори.

– Секогаш добивав добри оценки, но од девет години почнав поинтензивно затоа што гледав неколку видеа на професорот Скендер Кастрати и почнав да се бавам многу со математика. Потоа се сретнав и со професорот Муса Зука, со него заедно работевме, со еден збор тој ме учи математика. Значи од девет години вежбав со професорот Скендер Кастрати, а веќе една година до година и пол вежбам со професорот Муса Зука, раскажува Или за МИА.

Неговата мајка, Имране Рамадани Морина, вели дека уште од прво одделение работните тетратки Или ги пополнувал за една вечер и кога одел во училиште наставничката морала да го тера да ги брише за да има што да работи на час.

– Јас цело време барав некое место кое би било најдоброто за Или и каде што би го негувал својот талент, затоа што талентот ако не го негуваме, ќе се изгуби. Имаме многу деца коишто немаат каде да го покажат својот талент и тие таленти веќе се губат. Затоа јас никогаш не застанав, барав професор којшто е подобар за нивото на Или, но наидов на професори коишто се откажуваат од него, кои ни велеа да не им се поставуваат некои прашања затоа што ниту тие не знаат да решат некои задачи, објаснува Рамадани Морина за МИА.

За неа најголем предизвик е недостигот на институционалната поддршка којашто систематски ќе ги собира и ќе ги таргетира талентираните деца и професионално ќе работи со нив.

– Моја идеа до овој момент е да основаме некој математички институт или можеби некоја друга организација што ќе ги таргетираме децата коишто се талентирани, особено по математика, затоа што знаеме дека сме дефицитарни од тој аспект, мислам дека тоа би било најдоброто решение. Мислам дека треба брзо да делуваме и да имаме една институција каде што ќе може да се работи со овие деца како што треба, појаснува таа.

Во врска со неодамнешната средба со претседателот Стево Пендаровски Рамадани Морина изјави декка претседателот истакнал дека ќе се ангажира тој персонално и за Или и за секое дете што е талентирано.

– Засега немаме никакви ресурси што се однесува на развивањето. Ние имавме еден состанок со министерот за образование и нашиот претседател, господинот Стево Пендаровски, и двајцата ни дадоа голема поддршка и изразија подготвеност за секаков вид на помош којашто ни е потребна за да дејствуваме, како и за потребите на промените во нашиот образовен систем, а и за сите деца што се талентирани, додаде Рамадани Морина.

Или од друга страна, вели дека претседателот Пендаровски бил многу заинтересиран за неговиот талент и го прашувал за задачите и за неговиот канал на „Јутјуб“ и ги потврди зборовите на мајка му дека претседателот ветил оти лично ќе се ангажира за да му помогне за се што има потреба.

Тој за математиката вели дека полесно е да се работи и да се учи математика отколку да се живее без математика.

– Мене ми се допаѓа математиката во целост, но повеќе ми се допаѓаат интегралите, лимитите, дериватите, а особено тоа што би можел да го спомнам се и задачите што се викаат калкулус. И геометрија исто ми се допаѓа, но и таа не може да се замисли без нив, истакна Или Морина.

Тој има желба во иднина да биде добар математичар или физичар и дека најмногу би сакал да работи во НАСА, додека во случај ако треба да замине надвор од земјата за подобро развивање на неговиот талент, вели дека Турција или САД се меѓу првите негови опции како дестинација за тоа, затоа што, како што објаснува Или, тие се меѓу најнапредните земји за математика.