Mладиот Леонид Индов е пациентот што рано изутринава со медицинскиот хеликоптер на МВР беше транспортиран во Австрија. Тој замина на операција во Клиниката во Виена, а причината е незгода на летување од која тешко го повреди р`бетот и не можеше да ги движи рацете и нозете.
(ВИДЕО) За првпат со медиокоптер од Македонија во странство е транспортиран пациент
Леонид Индов има повеќе интернационални успеси зад себе. Тој е ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје и во септември 2023 требаше да почне со настава во IV година. Станува збор за талентиран млад човек со големи интелектуални способности. Со својот тим го освои првото место на меѓународниот натпреварна НАСА за развој на апликации (NASA Space Apps Challenge). Особено се истакнува со неговите неговите компјутерски вештини и научни истражувања. Неговите наставници велат дека е исто така талентиран спортист.
Пред неколку месеци осумнаесетгодишниот Леонид доживеа тешка несреќа додека беше на летување во Грција, од која тешко го повреди р`бетот и не можеше да ги движи рацете и нозете. По враќањето од болница во Солун, Леонид беше згрижен во приватната болница Жан Митрев.
Неговите најблиски преку хуманитарни акции собираа помош за да се плати неопходната скапа операција. Лани во ноември медиумите известија дека крадци провалиле во неговиот дом и му украле дел од собраните пари.
Ова е прв меѓународен лет за медицински транспорт со полициски хеликоптер. За транспортот од клиниката беше ангажиран персонал од Градската Болница „8-ми септември“ кои претходно ги извршија неопходните медицински подготовки за летот кон Австрија.
Момчето се здоби со тешки повреди на ‘рбет за време на летување во соседна Грција. Како што првично се објавуваше, потребни биле средства за негово лекување на клиника во Швајцарија во износ од околу 800.000 евра.