Талибанците апелираа за итна хуманитарна помош за Авганистан „без политичка пристрасност“, наведувајќи дека неодамнешниот снег и поплавите ја влошиле и онака тешката состојба на авганистанскиот народ. Откако талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан во средината на август минатата година, земјата западна во финансиски хаос, со висока инфлација и невработеност.

САД замрзнаа милијарди долари авганистански фондови, а приливот на помош е речиси запрен.

Глобалните хуманитарни агенции предупредија дека повеќе од половина од 38-те милиони Авганистанци се очекува да се соочат со глад во текот на зимата.

Во видео-апел, вицепремиерот Абдул Гани Барадар рече дека светот има обврска да му помогне на Авганистан.

-Во различни делови на земјата во моментов, жителите немаат храна, сместување, топла облека или пари. Светот мора да го поддржи Авганистан без никаква политичка пристрасност и да ги реализира своите хуманитарни обврски,  рече Барадар.

Снегот деновиве покри големи делови од централен и северен Авганистан, додека поплави зафатија делови од југот на земјата.