Имаме тим од 165 набљудувачи, од кои 126 се краткорочни набљудувачи, кои се распоредени низ земјата. Ова ќе ни овозможи систематско набљудување на гласачките места, што минатата година не бевме во можност да го спроведеме, изјави шефот на Mисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Северна Македонија, Тана де Зулуета по посетата на избирачкото место бр. 2805 во општина Центар.
– Бидејќи не станува збор за географски голема земја, со над 100 набљудувачи може да добиете статистички значајна анализа за спроведувањето на изборите. Задоволни сме што тоа можеме добро да го направиме, посочи Де Зулуета на новинарско прашање.
Во однос на проблемите кои се регистрирани со употребата на терминалите за отпечаток од прст при гласањето, таа вели, станува збор за нова технологија и се следи нејзината примена.
-Ние го набљудувавме отворањето на 54 гласачки места и продолжуваме со мониторингот. Ова е нова технологија и како и гласачите, гледаме како се применува. Рано е да се дадат какви било заклучоци, но ги нотираме сите проблеми доколку ги има, како и одговорот на гласачите. Ќе видиме како ќе се одвива денот. За проценката ќе треба да почекате до утре, затоа што како што знаете, не сакаме да коментираме за време на гласањето, рече шефицата на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР Де Зулуета.
Ние строго се придржуваме до упатствата од властите за заштита од Ковид-19. Во земјава сме повеќе од еден месец и засега нема никакви инфекции. Сакаме да бидеме сигурни, додава таа, дека тоа нема да влијае и не влијае на нашата методологија.
Мисијата на ОДИХР е сосатвена од 20 долгорочни набљудувачи кои пристигнаа во земјава по 7 септември кога се отворени канцелариите на Набљудувачката мисија и оттогаш се распоредени низ земјава. Краткорочните набљудувачи се тука од средата и ќе останат до завршување на процесот на броење на глсовите. Мисијата ќе остане и за вториот круг од изборите, ако за тоа има потреба, вели Де Зулуета.
Минатата година во земјава ОДИХР имаше специјална мисија за проценка на Предвремените парламнетарни избори на 15 јули.